Германија вети дополнителна воена помош од 1,3 милијарди евра за Украина, која ќе вклучува уште четири системи за воздушна одбрана ИРИС-Т, како и артилериска муниција, објави министерот за одбрана Борис Писториус за време на посетата на Киев на 21 ноември.
Германија, која е вториот најголем донатор на воена помош за Киев по САД, веќе ѝ испорача три модерни системи ИРИС-Т на Украина, од кои последниот беше испорачан минатиот месец.
Тој најави нов пакет воена помош за Украина по средбата со неговиот украински колега Рустем Умеров.
Посетата на Писториус дојде откако Русија започна смртоносен нов бран на ракетни и беспилотни напади врз Украина насочени кон цивилите и енергетската инфраструктура.
„Повторно сум тука, пред сè да ветам натамошна поддршка, но и да ја изразам нашата солидарност и длабока поврзаност, како и нашето восхитување за храбрата и скапа борба што се води овде“, рече Писториус откако положи цвеќе на плоштадот Мајдан во центарот на Киев на десетгодишнината од почетокот на протестите на Мајдан.
Видете и ова: ОН - Бројот на цивилни жртви во Украина надмина 10 илјадиПисториус пристигна со воз за да се сретне со својот украински колега Рустем Умеров и претседателот Володимир Зеленски.
Посетата на Писториус, негова втора откако стана министер за одбрана на почетокот од оваа година, доаѓа еден ден по патувањето на американскиот секретар за одбрана Лојд Остин во Украина, за време на кое тој ја повтори „долгорочната“ поддршка на САД за Украина, додека таа продолжува да се бори против руските трупи.
На 20 ноември Вашингтон објави пакет оружје и опрема во вредност од 100 милиони долари за Украина. САД ѝ дадоа на Украина десетици милијарди долари воена и друга помош од почетокот на руската инвазија минатиот февруари.
Посетите на Писториус и Остин на Украина доаѓаат во време на зголемување на руските воздушни напади врз украински цивилни цели, додека земјата разорена од војна се подготвува за очекуваното зголемување на нападите врз енергетската инфраструктура на земјата за време на студената сезона.