Нетанјаху - Постигнат е напредок во ослободувањето на заложниците

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Договорот меѓу Израел и Хамас „е во завршна фаза“ и „е поблиску од кога било досега“, изјави за Ројтерс извор запознаен со разговорите. Договорот е со посредство на Катар, а се однесува на ослободување на заложниците и повеќедневна пауза во нападите.

Потенцијалниот договор ќе овозможи ослободување на околу 50 заложници земени од Хамас, група означена како терористичка организација од Соединетите Држави и Европската Унија. Покрај тоа, би било можно да се ослободат палестинските жени и деца од израелски притвор, изјави изворот за Ројтерс.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека е постигнат напредок во ослободувањето на заложниците.

„Ние напредуваме. Мислам дека не вреди да се говори премногу, дури и во овој момент, но се надевам дека наскоро ќе има добри вести“, пренесува Ројтерс.

Видете и ова: Договорот Израел-Хамас „во завршна фаза“

Шефот на Хамас претходно изјави за Ројтерс дека екстремистичката група е блиску до договор за примирје со Израел, иако продолжи смртоносниот напад врз Газа и ракетниот напад врз Израел.

Израел избегна да коментира за статусот на преговорите предводени од Катар. Израелската телевизија Канал 12 цитираше неидентификуван владин извор кој вели дека се „блиску“, но не даде детали.

„Поблиску сме отколку што некогаш сме биле до постигнување договор“, изјави портпаролот на катарското Министерство за надворешни работи, Мајед ал-Ансари, додавајќи дека преговорите достигнале „критична и последна фаза“, пренесува Би-Би-Си.

Највисоките американски официјални лица, исто така, навестија дека договорот е близу, при што портпаролот на Белата куќа за национална безбедност Џон Кирби, на новинарите еден ден претходно им рече дека веруваат дека се „поблиску отколку што некогаш биле“.

Видете и ова: Бројот на мртви во Газа расте, планирана евакуација на три болници

Договорот ќе го одбележи најголемото ослободување на заложници и прва размена на заробеници од почетокот на војната на 7 октомври. Хамас зеде околу 220 заложници за време на нападот врз Израел во кој беа убиени 1.200 луѓе.

Министерството за здравство на Газа, управувано од Хамас, соопшти дека од почетокот на војната со Израел во Газа се убиени 13.000 луѓе.