Портпаролот на Светската здравствена организација, Кристијан Линдмајер изјави дека три болници во Газа побарале помош за евакуација на пациентите и додаде дека планирањето е во тек.
„Меѓу нив се и болницата Ал Шифа, од која веќе се спасени група бебиња, како и индонезиската болница и болницата Ал Ахли“, рече Линдмајер на брифинг со новинарите во Женева.
Според палестинското Министерство за здравство, повеќе од две третини од болниците во Појасот Газа престанале да работат поради израелските напади, додека останатите девет болници се делумно во функција.
Од почетокот на нападите, 18 болници се затворени и евакуирани, вклучително и три болници во изминатите три дена: Ал-Наср, Рантиси и Ал-Кудс.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Во меѓувреме, последните податоци на Министерството за здравство на Газа, управувано од Хамас, се дека од почетокот на офанзивата на Израел се убиени околу 13 300 луѓе, меѓу кои и повеќе од 5 500 деца.
Светската здравствена организација вели дека верува дека бројките се веродостојни, пренесува Би-Би-Си.
Во неделата, шефот на ОН, Антонио Гутереш го нарече бројот на загинати цивили „запрепастувачки и неприфатлив“.
На 7 октомври Хамас уби повеќе од 1200 луѓе во Израел, од кои повеќето цивили. Израел вели дека 40 деца и бебиња се меѓу заложниците киднапирани од Хамас и дека групата, која е прогласена за терористичка организација од Соединетите Држави и Европската Унија, намерно се крие под цивилната инфраструктура.