Мишел во Киев на одбележување на десетгодишнина од протестите на Мајден

Плоштад на независностa во центарот на Киев, 8 декември 2013 година

Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел отпатува за Киев во знак на поддршка додека Украина ја одбележува десетгодишнината од масовните протести со кои беше соборен прорускиот претседател.

„Мило ми е што се вратив во Киев - меѓу пријателите“, напиша Мишел на платформата X.

До него во Киев е претседателката на Молдавија, Маја Санду, чија земја заедно со Украина се надева дека следниот месец ќе ги започне преговорите за влез во Европската унија. Санду отпатува за Украина за да се сретне со претседателот Володимир Зеленски.

Претходно овој месец, ЕУ препорача отворање на официјални преговори за членство со Украина и Молдавија.

Украина, која се стекна со независност од Советска Русија во 1991 година, во вторник (21 ноември) го слави Денот на достоинството во спомен на двете прозападни и продемократски револуции одржани во 2004 и 2014 година.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Деценија по Евромајдан - борбата за слобода на Украина продолжува

Во своето обраќање до нацијата, Зеленски рече дека аспирациите на Киев за влез во Европската Унија пред две децении биле „романтичен сон“, но сега тие станале „реалност“.

„Затоа, нашиот кандидатски статус и натамошните пристапни преговори секако треба да резултираат со полноправно членство на Украина во ЕУ. И сето тоа го правиме и покрај војната. Кога нашиот народ сега се брани себеси и Европа“, рече Зеленски.

Револуцијата во 2014 година, за која Кремљ вели дека била државен удар поддржан од странство, ја поттикна руската војска да го заземе и анектира украинскиот полуостров Крим и да поддржи милитантен бунт на исток.

Протестите на плоштадот Мајдан, кои избувнаа на крајот на 2013 година и во кои загинаа околу 100 луѓе, го соборија претседателот Виктор Јанукович поддржан од Русија.

Во своето обраќање Зеленски ги поврза протестите од пред десет години со инвазијата на Украина, велејќи дека демонстрациите на Мајдан се „првата победа“ во војната со Русија.

Украинскиот претседател, исто така, го пофали напредокот на земјата кон членство во Европската Унија откако руските сили започнаа инвазија во февруари 2022 година.