Извршителите на нападот во Бањска мора да бидат изведени пред лицето на правдата, изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во Белград, по средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ.
„Сметам на двете страни да ги намалат тензиите и да се воздржат од ескалација на дејствијата“, рече тој на заедничката прес-конференција со Вучиќ.
Тензиите меѓу Косово и Србија се зголемија по нападот на вооружена група врз косовската полиција во селото Бањска на северот на Косово на крајот на септември, кога еден полицаец беше убиен, а неколкумина беа ранети.
Тројца српски напаѓачи потоа беа убиени во размената на оган.
Одговорноста за нападот ја презеде Милан Радоичиќ, поранешен потпретседател на Српската листа, најголемата партија на косовските Срби, која ја има поддршката од Белград.
„Трупањето сили на српската армија во близина на границата со Косово нема да помогне да се смири ситуацијата“, додаде тој.
Видете и ова: По Сараево и Приштина, шефот на НАТО пристигна во БелградВо изминатиот период Србија во неколку наврати распоредуваше војници во близина на границата со Косово, последен пат по нападот во Бањска, но по дипломатската интервенција на Западот, ја повлече војската.
Столтенберг додаде дека КФОР, воената мисија на НАТО на Косово, го спроведува својот мандат и ќе обезбеди мирна средина и слобода на движење за сите заедници. Тој додаде дека со Вучиќ разговарал за рестартирање на заедничките вежби на вооружените сили на Србија со силите на НАТО.
„Ова не ја нарушува неутралноста на Србија, Србија јасно стави до знаење дека останува воено неутрална, надвор од воените блокови“, оцени тој, додавајќи дека Србија е важен регионален актер и долгорочен партнер на НАТО и дека добар пример за соработка е учеството на Србија во програмата Партнерство за мир.
Србија ги прекина меѓународните воени вежби по почетокот на руската агресија врз Украина во февруари 2022 година. Столтенберг допатува во Белград од Приштина, во рамки на посетата на земјите од Западен Балкан.
Видете и ова: Столтенберг од Сараево: Загрижени сме поради сецесионистичката реторика и руското влијаниеВо Приштина на 20 ноември тој изјави дека зголемувањето на военото присуство на мисијата КФОР на Косово за 1000 војници покажува колку сериозно НАТО го сфаќа насилството што избувна во Косово во последните месеци, додавајќи дека се размислува дали зголемувањето треба да биде постојано.
Посетата на Столтенберг на регионот доаѓа во време на предупредувањата од Украина дека Русија има намера да поттикне конфликт меѓу државите од Западен Балкан.
Пред Србија и Косово, Столтенберг престојуваше во Босна и Херцеговина, каде на 20 ноември се сретна со шефовите на држави и високиот меѓународен претставник Кристијан Шмит. Во Сараево, шефот на НАТО рече дека Алијансата е загрижена поради реториката за одвојување и руското влијание во регионот. По Србија, Столтенберг истиот ден ќе ја посети и Северна Македонија, каде ќе се сретне со шефови на држави и ќе им се обрати на пратениците.