Борел: Воспоставувањето на палестинска држава би била најдобрата гаранција за безбедноста на Израел

Високиот комесар за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел

Високиот комесар за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел оцени дека формирањето на палестинска држава ќе биде најдобриот начин да се обезбеди безбедноста на Израел.

Борел во понеделник вечерта одржа видео-средба со министрите за надворешни работи на 27-те земји-членки на ЕУ по посетата на Блискиот Исток каде што разговараше за војната на Израел против палестинскиот Хамас.

Тој рече дека донел таков „фундаментален политички заклучок“ од разговорите одржани во регионот.

„Мислам дека најдобра гаранција за безбедноста на Израел е формирањето на палестинска држава“, рече Борел во писмениот заклучок.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

„Нападот од екстремистите на Хамас беше нов Холокауст“

Тој смета дека Израел не треба да ја окупира Газа по завршувањето на конфликтот и дека контролата на територијата треба да биде предадена на палестинските власти.

Борел предупреди за очајната хуманитарна ситуација во Газа и оцени дека резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се повикува на хуманитарни паузи е голем чекор напред, но дека мора да се обезбеди нејзино итно спроведување.

Покрај тоа, постои страв дека конфликтот ќе ја разгори нестабилната ситуација на окупираниот Западен Брег и од вклучување на нови учесници.

„Со оглед на зголеменото насилство од страна на екстремистите и (еврејските) доселеници врз Палестинците, постои реален ризик ситуацијата да ескалира“, предупреди високиот комесар на ЕУ, додавајќи дека извештаите за киднапираниот брод од јеменските Хути се уште еден загрижувачки знак дека постои ризик од прелевање на конфликтот во регионот.