По проширувањето на „црната листа“ на САД, американската амбасадорка во Северна Македонија, Ангела Агелер, порачува дека се надева оти институциите во државата ќе преземат нешто за случаите со корупција.
„Интересно е дека секој пат кога назначуваме луѓе за корупција во оваа земја, секој граѓанин и секој пријател со кој разговарам, вели: ‘Се разбира’. Затоа што луѓето знаат, знаат кои се корумпираните актери во земјава. Нема правна обврска за институциите да преземат акција, но се надевам дека меѓу институциите кои веќе знаат дека има корупција во овие случаи, дека навистина ќе преземат нешто, бидејќи луѓето во оваа земја треба да бараат и заслужуваат оваа корупција да биде следена, истражувана и гонета“, вели Агелер во интервју за Телма ТВ во одговор на прашањето што очекува по последното проширување на „црната листа“.
Видете и ова: Мајката на Камчев, Сергеј Самсоненко и сопругата на „црната листа“ на САДМинистерството за финансии на САД на 16 ноември назначи нови санкционирани лица и фирми од регионот. Од Северна Македонија на „црната листа“ беа ставени Ратка Куноска-Камчева, која е мајка на бизнисменот Јордан (Орце) Камчев, како и рускиот бизнисмен со македонско државјанство Сергеј Самсоненко и неговата сопруга Ирина Самсоненко.
Сите се поврзани со Камчев, кој е на оваа листа од 19 јули годинава.
Исто така, под санкции американските власти ставија и пет фирми од земјава: „Бет сити интернешнал“ (поврзана со Сергеј Самсоненко и Јордан Камчев); „Камчев Консалтинг“ (поврзана со Ратка Куноска-Камчева); „Орка Финанс“ (поврзана со Ратка Куноска-Камчева); „Орка Холдинг“ (поврзана со Јордан Камчев); и „Систина лајф кеар центар“ (поврзана со Ирина Самосоненко).