Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во понеделникот вечерта (20 ноември) пристигна во Белград, каде го пречека српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ.
Утре (21 ноември) тој ќе се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ и со премиерката Ана Брнабиќ.
Шефот на НАТО ќе се сретне и со српски научници кои ќе ја претстават технологијата развиена во рамките на проектите на НАТО „Наука за мир и безбедност“.
Пред да отпатува за Белград, Столтенберг беше во Приштина, каде рече дека зголемувањето на военото присуство на Косово за 1 000 војници покажува колку сериозно Алијансата го сфаќа насилството што избувна во Косово во последните месеци.
Видете и ова: Столтенберг од Приштина: Основањето Заедница на српски општини е клучно за мирот во регионотСтолтенберг на прес-конференција со претседателката на Косово, Вјоса Османи, ја истакна важноста на стабилноста на Западен Балкан.
Тој го поздрави и новиот предлог-статут за формирање Заедница на општини со српско мнозинство.
„Воспоставувањето на Заедницата ќе биде клучен чекор кон нормализирање на односите и кон одржлив мир во регионот“, рече Столтенберг.
Шефот на НАТО го посети и Сараево пред Приштина, каде изрази загриженост за сецесионистичката реторика на поделба и руското влијание.
„Тоа се заканува да ја поткопа стабилноста и да ги ослабне реформите. Сите лидери мора да работат на напредок. Тоа е исклучително важно за нас и ние сме посветени на безбедноста и стабилноста на овој регион, во вашата земја која е од големо значење за регионот на Западен Балкан и затоа го продлабочуваме нашиот политички дијалог и нашата практична соработка“, рече Столтенберг.
Тој порача дека „сојузниците силно го поддржуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина“.
Видете и ова: Столтенберг од Сараево: Загрижени сме поради сецесионистичката реторика и руското влијаниеУтре (21 ноември), Столтенберг од Белград ќе допатува во Скопје, каде ќе се сретне каде ќе се сретне со претседателот Стив Пендаровски и со премиерот Димитар Ковачевски.
Генералниот секретар на НАТО ќе се сретне и со претседателот на Собранието, Талат Џафери, а ќе се обрати и на седница пред пратениците.
Во средата (22 ноември) во Скопје, Столтенберг ќе има и состанок со лидерите на земјите-членки на НАТО од регионот. По тој повод се очекува во главниот град на Северна Македонија да пристигнат лидерите на: Албанија – премиерот Еди Рама, Хрватска – претседателот Зоран Милановиќ, Црна Гора – премиерот Милојко Спајиќ, и Словенија – премиерот Роберт Голоб.