Србија прогласи хрватски дипломат за персона нон грата

МНР на Србија

Министерството за надворешни работи на Србија на 20 ноември донесе одлука да го прогласи за персона нон грата првиот секретар во Амбасадата на Република Хрватска во Белград, Хрвоје Шнајдер, соопштија од српското МНР.

Одлуката, како што се наведува, е донесена во согласност со членот 9 од Виенската конвенција која ги регулира дипломатските односи.

„За време на неговиот професионален ангажман во Република Србија, Шнајдер направи груби отстапки од рамката на дипломатските норми и ја прекрши горенаведената Конвенција. Од тие причини врачена е дипломатска нота на амбасадорот на Хрватска Хидајет Бишчевиќ“, пишува во соопштението.

Министерството за надворешни работи на Србија, како што е наведено, изразува жалење за постапките на споменатиот дипломат во изминатиот период „кои не придонесува за подобрување на билатералните односи меѓу Република Србија и Република Хрватска, добрососедската соработка и севкупно подигање на нивото на мирот и стабилноста во регионот“.

Српското МНР изразува и очекувања дека Србија и Хрватска ќе работат заедно на градење меѓусебна доверба, со цел постигнување на заедничка европска иднина.