Собранието го изгласа новиот Деловник, инцидентот со Левица ја „онеспособи“ салата

Инцидент во Собрание

Со 83 гласа „за“, два „против“ и ниту еден „воздржан“ пратениците вечерва (20 ноември) го донесоа новиот Деловник на Собранието.

Новиот Деловник за работа на законодавниот дом, претходно на седницата беше причина да ескалира состојбата во парламентот.

Двајцата пратеници од Левица, Димитар Апасиев и Борислав Крмов, реагираа бурно зошто не им се прифатени за разгледување сите амандмани што ги поднеле, а бараа и предлогот за нов Деловник да се тргне од дневен ред.

Левица подготви околу 2 500 амандмани за Деловникот, а двајцата нејзини пратеници најмногу реагираа бидејќи тврдат дека со новите правила ќе може да се „шверцуваат“ закони без опозицијата да може да ги блокира.

Видете и ова: Инцидент во Собрание: Пратеници од Левица го нападнаа потпретседателот Мисовски

Тензичната атмосфера на седницата го достигна врвот кога Крмов барајќи да се прекине седницата го турна од маса ѕвончето и шишето со вода пред потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, кој во тој момент ја водеше седница и седеше на местото на Талат Џафери. Џафери седна во пратеничките редови наместо на претседателското столче бидејќи тој официјално беше предлагач на новиот Деловник.

Покрај тоа, Крмов го „откорна“ и мониторот пред Мисовски и го фрли на земја, а го скрши и телефонот. Фрлаше и маваше со листови хартија кон потпретседателот на парламентот, во што во еден момент му се придружи и Апасиев.

Седницата тогаш беше прекината на околу половина час.

По паузата, двајцата пратеници продолжија да инсистираат да се прекине седница и беа направени уште два прекини од по 30-тина минути.

Во продолженијата, Крмов застана покрај столчето на Мисовски и се обиде да ја опструира неговата работа. Апасиев, пак, зборувајќи од говорницата го соблече чевелот и со него удираше по листови хартија илустрирајќи ставање печат на амандманите што не биле прифатени.

По вкупно три паузи од по 30-тина минути, атмосферата се смири. Откако 83 пратеници го поддржаа новиот Деловник, собраниската седница продолжи со гласање за уште две други точки од дневниот ред.

Потоа, претседателот Талат Џафери ја прекина седницата и најави дека од утре законодавниот дом ќе заседава во нова сала поради штетата што ја направиле пратениците од Левица. Станува збор за салата во која пратениците заседаваа во време на ковид-пандемијата.

„Имајќи предвид дека е направена материјална штета и е онеспособен системот за работа, седниците на Собранието понатаму, до отстранување на штетата и поправка на оштетениот дел ќе се одвива во салата ’Купола‘. Таму ќе биде и утрешната свечена седница, а и продолжението на оваа седница утре во 11 часот ќе биде во салата ’Купола‘“, рече Џафери.

Видете и ова: Идните пратеници веројатно ќе работат по нов собраниски Деловник

Договорот за нов Деловник помеѓу пратениците и од власта и опозицијата беше постигнат во рамки на дијалогот „Жан Моне“ кој започнаа пред околу пет години со посредство на неколку европратеници.

По усогласувањето на текстот за новиот Деловник, на 10 октомври годинава, Џафери го образложи предлогот пред Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања.

„Овој предлог е резултат на повеќегодишна работа на сите претставници на сите политички партии во Собранието во соработка со Европскиот парламент во рамки на дијалогот ’Жан Моне‘. Целта на сите пратеници е новиот парламентарен состав да работи ефикасно и плански, а пленумот ќе ја има вистинската уставна улога“, порача тогаш Џафери.

Новиот Деловник ќе почне да се применува од новиот парламентарен состав што ќе се формира по изборите што треба да се одржат 2024 година.