Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг од Приштина порача дека зголемувањето на военото присуство на Косово за 1 000 војници покажува колку сериозно Алијансата го сфаќа насилството што избувна во последните месеци.
На заедничка прес-конференцијата со косовската претседателка Вјоса Османи, Столтенберг ја истакна важноста на стабилноста во регионот на Западен Балкан. Тој додаде дека КФОР, воената мисија на НАТО на Косово, го спроведува својот мандат и ќе обезбеди мирна средина и слобода на движење за сите заедници.
Тој го поздрави и новиот предлог-статут за формирање Заедница на општини со српско мнозинство.
„Основањето на Заедницата ќе биде клучен чекор кон нормализирање на односите и кон одржлив мир во регионот“, рече Столтенберг.
Заедницата беше договорена во рамките на дијалогот помеѓу Приштина и Белград и треба да обезбеди поголема автономија на припадниците на српската заедница.
Видете и ова: Столтенберг од Сараево: Загрижени сме поради сецесионистичката реторика и руското влијаниеНа прашањето какви се можностите Косово да стане дел од програмата Партнерство за мир, Столтенберг рече дека е потребна едногласна одлука на сите-членки на Алијансата.
Генералниот секретар рече дека Алијансата размислува дали трајно да го зголеми военото присуство во Косово, по избувнувањето на насилството во септември.
„Ќе го направиме она што е потребно. Во моментов разгледуваме аранжмани за наше присуство“, рече тој, додавајќи дека по нападот на Бањска, НАТО употреби резервни трупи за да го зголеми своето воено присуство на Косово.
Во меѓувреме, косовската претседателка изјави дека руското влијание на Западен Балкан може да се гледа од три аспекти.
„Пропагандата – која ја поддржува позицијата на Србија во однос на дестабилизацијата на регионот; оружјето што Русија ѝ го продава на Србија, кое Србија потоа го користи за да го нападне Косово или други земји; политичката поддршка што Русија постојано ѝ ја дава на Србија во овие напори за дестабилизација“, рече таа.
Османи наведе дека кога ќе се спојат овие три аспекти, многу е јасно дека е во интерес на Русија да отвори уште еден фронт против Западот.
„И, се разбира, овој фронт сака да се отвори во делови од Европа кои сè уште не се дел од НАТО. Така, ова го прави нашето членство во НАТО уште поимперативно“, рече таа.
„Одговорните во Бањска да се соочат со правдата“
Коментирајќи го нападот на вооружена група Срби врз косовската полиција на 24 септември во Бањска кај Звечан, Столтенберг рече дека одговорните мора да се соочат со правдата.
Тој посочи дека оваа порака ќе им ја пренесе и на властите во Србија на средбите на 21 ноември во Белград.
„Во септември видовме сериозно избувнување на насилство на северот на Косово, што предизвика загриженост дека може да се врати поширок конфликт во Западен Балкан. Во мај беа нападнати нашите трупи од КФОР, при што беа повредени 93 војници, некои сериозно, некои со доживотни рани“, рече Столтенберг.
Тој оцени дека ваквите напади се неприфатливи.
Косово ја обвини Србија за нападот во Бањска во кој беше убиен полицаец. Меѓутоа, Белград ја негираше својата вмешаност.
Одговорноста за нападот ја презеде Милан Радоичиќ, поранешен потпретседател на Српската листа, најголемата партија на косовските Срби, која ја има поддршката од Белград.
Видете и ова: Лајчак во Брисел разговараше со преговарачите на Србија и КосовоСтолтенберг дојде во Косово по посетата на Босна и Херцеговина, каде што се сретна со шефовите на држави и високиот меѓународен претставник Кристијан Шмит. Во Сараево, шефот на НАТО рече дека алијансата е загрижена поради реториката за отцепување и поради руското влијание во регионот.
Посетата на Столтенберг на регионот доаѓа во време на предупредувањата од Украина дека Русија има намера да поттикне конфликт меѓу државите од Западен Балкан.
Европската Унија, исто така, ја сподели оваа загриженост со Украина, додека од американскиот Стејт департмент за Радио Слободна Европа изјавија дека „малигното влијание на Русија во регионот на Западен Балкан го попречува патот на земјите кон евроатлантската интеграција“.
Столтенберг во Скопје на средба со лидерите на НАТО сојузниците од регионот
Шефот на НАТО, по посетата на Косово, на 21 ноември ќе ја посети Србија, каде што треба да се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ и со премиерката на оваа земја Ана Брнабиќ. Истиот ден, тој ќе ја посети Северна Македонија, земја-членка на НАТО, каде ќе се сретне со шефови на држави и ќе се обрати пред пратениците во Собранието.
Тој ќе ја заврши балканската турнеја на 22 ноември во Скопје кога ќе има неформален состанок со лидерите на земјите-членки на НАТО од регионот. По тој повод се очекува во Скопје, Столтенберг и премиерот Димитар Ковачевски да ги пречекаат лидерите на: Албанија – премиерот Еди Рама, Хрватска – претседателот Зоран Милановиќ, Црна Гора – премиерот Милојко Спајиќ, и Словенија – премиерот Роберт Голоб.