Кремљ жали за одлуката на Финска да затвори гранични премини со Русија

Руско-финската граница на преминот Нуиџама, 16 ноември 2023 година.

Кремљ денеска (20 ноември) се огласи за одлуката на Финска за затворање гранични премини со Русија при што посочи дека жали и оти ваквиот потег на Хелсинки го смета за антируски став.

Финска, која е членка на Европската унија, а од годинава и на воената алијанса НАТО, затвори вкупно четири гранични премини во обид да го запре приливот на баратели на азил.

Граничните премини кои беа затворени беа убедливо најфреквентни.

Говорејќи на редовниот брифинг со новинарите, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, повторно ги отфрли обвинувањата на Финска дека Русија намерно ги носи мигрантите до границата и рече дека руските граничари ги извршуваат своите должности во согласност со правилата.

Видете и ова: Се води ли „хибридна војна“ со приливот на илегални мигранти на границата од Русија до Финска?

Прашан за затворањето на четирите премини, Песков рече дека тоа „не предизвикува ништо друго освен длабоко жалење бидејќи со Финска сме имале долгорочни, многу добри односи, прагматични, засновани на меѓусебно почитување“.

„Жалиме што овие односи се заменети со таков исклучиво русофобичен став што лидерите на оваа земја почнаа да го застапуваат“, рече тој.

Руското Министерство за надворешни работи подоцна објави дека упатило официјална протестна нота до финскиот амбасадор во Москва, наведувајќи дека затворањето на четирите гранични премини ги прекршува „правата и интересите на десетици илјади луѓе“ во двете земји.

„Одлуката е донесена набрзина, без никакви консултации со руската страна“, се вели во соопштението.

Видете и ова: Финска затвора четири гранични премини со Русија

Финска дели 1 340 километри граница со Русија, која служи и како надворешна граница на ЕУ.

Хелсинки ги обвини руските власти дека ги насочуваат мигрантите кон премините како одмазда за одлуката на Финска да ја зголеми одбранбената соработка со САД, што Кремљ го негираше.

Финска ја налути Москва кога, по децении неутралност, реши да се приклучи на воената алијанса на НАТО во април година, чекор кој го направи по руската инвазија во Украина.