Министерот за одбрана на Соединетите Американски Држави (САД), Лојд Остин, вети понатамошна американска поддршка за Украина за време на неговата ненајавена посета на Киев на 20 ноември.
САД обезбедија над 40 милијарди долари помош за одбрана на Украина од руска инвазија и ветија дека ќе го поддржат Киев „колку што е потребно“.
Остин ја посети американската амбасада во Киев за да се сретне со дипломатите и персоналот на Министерството за одбрана, пред да го увери украинскиот претседател Володимир Зеленски, за време на тет-а-тет средбата, дека американската поддршка нема да престане.
„Пораката што ви ја носам денес, господине претседателе, е дека Соединетите Американски Држави се со вас. Ние ќе останеме со вас на долг рок“, му рече Остин на Зеленски и додаде дека „она што се случува овде во Украина не е важно само за Украина, туку и за остатокот од светот“.
„Тоа секако е важно за Соединетите Американски Држави“, додаде тој.
Видете и ова: Конференција за воено-индустриска соработка меѓу САД и Украина ќе се одржи во декемвриОва е втор пат шефот на Пентагон да патува во Киев откако Русија ја започна својата инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Вашингтон е убедливо најголемиот донатор на воена помош за Киев, а намалувањето на американската помош би било голем удар за Украина, која се подготвува да помине втора зима во војна.
Зеленски рече дека посетата на Остин е „важен сигнал за Украина“ и се заблагодари на Конгресот и американскиот народ за поддршката.
„Сметаме на вашата поддршка“, рече тој на средбата.
Во меѓувреме, некои републикански пратеници во САД се противат на продолжување на помошта за Украинците, а новата поддршка за Украина беше изоставена од привремениот договор усвоен од Конгресот минатата недела.
Остин и државниот секретар Ентони Блинкен ги повикаа американските пратеници во октомври да ја задржат поддршката за Украина, а шефот на американската одбрана рече: „Без нашата поддршка, (рускиот претседател Владимир) Путин ќе биде успешен“.