Ковачевски: Може избори во мај, Алијанса има капацитет да биде дел од европската коалиција

Димитар Ковачевски, премиер на РСМ

Сметам дека постои доволно простор во мај да се организираат изборите, во нивниот редовен термин, а за финалните ставови на политичките партии ќе информираме тогаш кога ќе се постигне поширок консензус во рамките на Парламентот, изјави во понеделник, премиерот Димитар Ковачевски.

СДСМ и ДУИ, подвлече премиерот, имаат јасен коалициски договор, а Алијанса за Албанците (АА) има капацитет да разговара за економски просперитетна држава и општество со социјална правда и демократија на највисоко ниво, со слобода на медиумите и владеење на правото, кои се основи, потенцира, за градење широкиот коалициски фронт.

Во моментов, информира Ковачевски, течат разговорите за финализирање на Изборниот законик и вклучувањето во него на сите забелешки од страна на ОБСЕ/ОДИХР. Додаде дека тоа е финализирано во најголема мера и многу скоро, ќе се најде на владина седница, како и на седница во Парламетот за да се добие целосно усогласено законско решение.

Видете и ова: Избори во едно, или едно по едно

„Со ДУИ имаме јасен коалициски договор објавен во 2020 година, секако дека за модалитетите со нив се разговара, но целта за остварување европска коалиција која ќе предводи широк фронт е клучната работа што ќе ги обедини партиите на следните избори. Сите детали и кадровски решенија кои ќе следуваат, ќе бидат споделувани со јавноста како што ќе се носат од официјалните органи на партиите“, истакна Ковачевски, одговорајќи на новинарски прашања по посетата на ИКТ Центарот за чување и заштита на податоци во Прилеп.

Тој вели дека кога се прават коалиции, клучно е да се споделуваат заеднички вредности кои се однесуваат, на визијата за модерно општество и модерна држава.

„Сметам дека Алијанса го има тој капацитет, да разговара на такви теми и мислам дека на таа основа може да се водат разговори во однос на идните коалиции и настапи на изборите, но да оставиме да се водат разговори и официјалните партиски тела да носат одлуки во тој дел“, истакна премиерот Ковачевски.