Американскиот министер за одбрана пристигна во Киев

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин (десно) е пречекан од американската амбасадорка во Украина Бриџит Бринк кога пристигнува во Киев со воз на 20 ноември, 2023

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин пристигна во Киев во знак на поддршка за Украина поради загриженоста од „воениот замор“ меѓу западните сојузници на Киев, особено во Соединетите Држави - главниот снабдувач на Украина со воена и финансиска помош.

„Само што пристигнав во Киев за да се сретнам со украинските лидери“, напиша Остин во пораката на X, порано позната како Твитер.

„Денес сум овде за да испорачам важна порака - САД ќе продолжат да ја поддржуваат Украина во нивната борба за слобода против руската агресија и сега и во иднина“, додаде Остин.

Ова е втора посета на Украина на Остин, кој во Киев пристигна со воз од Полска.

Вашингтон даде десетици милијарди долари воена и друга помош за Украина од почетокот на руската инвазија во февруари минатата година.

Видете и ова: Улогата на конфликтот во Израел во испраќањето американска помош за Украина

Во меѓувреме, украинската армија соопшти дека одбила десетици руски напади долж фронтот долг речиси 1000 километри, а интензивните битки продолжуваат особено околу источните градови Маринка и Авдиивка, пренесе ДПА.

Во денешниот извештај за ситуацијата од Генералштабот во Киев се регистрирани 46 руски напади само вчера. Сите судири на бојното поле беа одбиени, се вели во документот.

Фокусните точки беа Маринка, каде имаше 16 руски напади и Авдијивка, каде имаше 12 напади. Двете локации се во близина на градот Доњецк, кој е под руска контрола, најголемиот град во Донбас.

Меѓународните набљудувачи, како што е Институтот за проучување на војната во Соединетите Држави, ги потврдија жестоките борби околу Авдијивка. Руските војници со недели се обидуваат да ги опколат украинските бранители во градот. Според британското Министерство за одбрана, влажното есенско време во моментов ги отежнува борбите за двете страни.

По две ноќи тешки напади со руски беспилотни летала, во текот на ноќта беше тивко, според денешните украински извештаи.

Украина речиси 21 месец се брани од голема руска инвазија. Долгата линија на фронтот на војната, која се протега од брегот на Црното Море до североисточната граница на Украина со Русија, се повеќе се смета дека во голема мера е во застој.