Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во неделата вечер, на 19 ноември, пристигна во официјална посета на Босна и Херцеговина.
Ова е негова прва посета на Босна и Херцеговина. Причината за неговото пристигнување не е наведена.
Столтенберг во претходните медиумски настапи изјави дека Босна и Херцеговина, заедно со Грузија и Молдавија, припаѓаат на земјите кои заслужуваат посебно внимание од НАТО.
Претседателството на БиХ соопшти дека ќе се сретнат со Столтенберг на работна вечера.
За понеделник, на 20 ноември е најавено шефот на НАТО да се сретне и со други претставници на Босна и Херцеговина.
По БиХ, Столтенберг патува за Косово, а на 21 ноември ќе го посети Белград, по што се очекува турнејата да ја продолжи во Скопје.
Во 2010 година, Босна и Херцеговина беше поканета да се приклучи на Акциониот план за членство (МАП), кој претставува прв чекор кон прием, но во исто време не прејудицира каква било одлука за идното членство.
Видете и ова: Столтенберг во посета на Западен Балкан, во Скопје на 21 и 22 ноемвриВо средината на јули, лидерите на земјите од НАТО им порачаа на земјите од Западен Балкан дека регионот е од стратешко значење за Алијансата и ја потврдија својата посветеност на безбедноста и стабилноста на Западен Балкан.
На овој начин тие ги поддржаа реформите кои ги зајакнуваат аспирациите на земјите од регионот кон НАТО и Европската Унија, како што е наведено во завршниот документ на 11 јули, на крајот од првиот ден од самитот што се одржа во главниот град на Литванија, Вилнус.
„Ќе продолжиме да го подобруваме нашиот политички дијалог и практична соработка со цел да ги поддржиме реформите, регионалниот мир и безбедност и да се спротивставиме на злонамерните влијанија, вклучително и дезинформации, хибридни и сајбер закани, претставени од државни и недржавни актери“, изјавија лидерите на најголемата воена организација.
Инаку, мандатот на Столтенберг како генерален секретар беше продолжен до октомври 2024 година, а на таа функција е од 2014 година.