Претседателот Пендаровски со песимистички очекувања за резултатите од декемврискиот Самит на ЕУ

Стево Пендаровски - Претседател на РСМ

Претседателот на државата, Стево Пендаровски смета дека ќе има негативен исход на декемврискиот Самит за Република Северна Македонија, а виновник за ова гледа во опозицијата.

„Исходот е јасен каков ќе биде, со оглед дека предусловот го имаме во европската преговарачка рамка, не можеме да го исполниме, тоа е очигледно. Во меѓувреме, за жал, поради тврдиот став на опозицијата, ништо не се промени во таа насока. И јасно дека во декемврискиот Самит не може да има позитивна одлука за нас, рече Пендаровски во одговор на новинарско прашање во врска со очекувањата од Самитот на лидерите на Европската Унија за Западен Балкан што ќе се одржи во декември.

Европската комисијата (ЕК) во последниот извештај за напредокот на земјава изрази сериозна загриженост. Напиша дека политичката ситуацијата во Северна Македонија остана поларизирана што влијаеше врз правилно функционирање на демократските институции.

Нема напредок во судството и борбата против корупцијата. Во голем мера влијание имале и измените на Кривичниот законик, што беа изгласани во брза собраниска процедура, пишува во извештајот.

Видете и ова: Османи очекува на состанокот во Брисел да се зборува за проширувањето и Планот за раст за Западен Балкан

Одговорноста има име и презиме, тоа е ВМРО-ДПМНЕ и нивното раководство кое се противи на продолжување на европскиот пат на државата, истите кои го кочеа зачленувањето во НАТО го кочат европскиот пат на земјата, изјавил во интервју за Канал 5 ТВ премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски.

„Уставните измени се блокирани од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Одговорноста има име и презиме, тоа е ВМРО-ДПМНЕ и нивното раководство коешто противи на продолжување на евроинтеграцискиот пат на државата. Ние како коалиција сме решени овој процес да продолжи и сметам дека ќе дојде денот кога сите пратеници ќе сфатат дека нема алтернатива и дека единствен начин за напредок и на државата е зачленување во ЕУ, рече Ковачевски.

Од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, пак, последниот извештај го оценија како одраз на реалноста и доказ дека се лажни изјавите на власта на СДСМ и ДУИ за фокусираност на европската агенда.

„Извештајот на ЕК покажува и потврдува дека власта наместо да работи и да се посвети на реформи, се насочува кон стратешки погрешни цели. Власта на СДС и ДУИ е разобличена, проблемот зошто Македонија не почнува преговори, не се штетните договори или пак промената на Уставот под нечиј диктат туку затоа што државата не е средена, не е вистински реформирана и затоа што наместо право и правда владее власт заглавена во криминал и корупција“, рече портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.

Видете и ова: Неевропско работење и балкански изговори

Годишниот извештај на ЕК е најважниот документ за секоја земја која претендира да стане членка на ЕУ и ја отсликува состојбата во клучните полиња каде е неопходен напредок за пристапниот процес.

Од реформите што ги бара ЕК, а кои се скенираат во овие годишни извештаи, зависи и економскиот раст на земјава. Брисел подготви пакет помош од шест милијарди евра за Западен Балкан, а претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, при посетата на Скопје на 30 октомври, го презентираше Планот за раст, но порача дека за да се исполни треба да има реформи.