Киев - 15 руски бродови се уништени во Црното Море од почетокот на војната

Десантен брод на руската морнарица на пат кон Црното Море, 8 февруари 2022 година.

Украинската војска на 17 ноември објави дека во нејзините операции од почетокот на инвазијата биле уништени 15 руски поморски бродови во Црното Море, а дека биле оштетени уште 12 бродови.

Украина ги засили нападите во Црното Море, како и на полуостровот Крим, кој Русија го анектираше во 2014 година.

Киев објави серија напади на воени бродови во и во близина на Крим оваа есен, вклучително и врз голем десантен брод и подморница.

„Можете да ги преброите оние кои веќе се онеспособени. Тоа се 15 уништени и 12 оштетени бродови“, рече портпаролот на украинската морнарица Дмитро Плетенчук.

Тој ја опиша Украина како „иницијатор на нов тип на поморска војна“, што ја принуди Русија да ги премести своите поморски сили на позиции до кои е потешко да се достигне.

Видете и ова: Украина тврди дека извршила „успешни операции“ на источниот брег на реката Днепар

„Русија, исто така, страда од логистички проблеми поради тоа што мора да преместува бродови до пристаништата на источното крило на Црното Море, југоисточно од Крим и подалеку од Украина“, рече Плетенчук.

Русија обично не ја признава штетата на нејзините воени средства и тврди дека ги одбива повеќето украински напади.

Украинската војска соопшти дека нејзините претходни операции во Црното Море вклучувале напади врз седиштето на руската морнарица на Црното Море во Севастопол и бродоградилиштето во Керч, со кои оштетиле брод што сè уште не се приклучил на флотата.

Во април 2022 година, непосредно по почетокот на војната, украинските сили објавија дека го погодиле ракетниот крстосувач Москва, предводник на руската Црноморска флота.

Русија никогаш не го призна нападот, велејќи дека бродот потонал по голем пожар.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски неодамна изјави дека Киев успеал да го промени балансот на силите во Црното Море.