Руското Министерство за правда на 17 ноември објави дека поднело тужба до Врховниот суд на земјата, барајќи да го прогласи ЛГБТ движењето за „екстремистичко“.
Министерството во соопштението во кое ја најави тужбата, наведува дека властите идентификувале „знаци и манифестации од екстремистичка природа“ во „активностите на ЛГБТ движењето“ во Русија, вклучително и „поттикнување социјален и верски раздор“.
Врховниот суд на Русија закажа рочиште за 30 ноември, соопшти Министерството.
Не е јасно што точно ќе значи ознаката за ЛГБТ лицата во Русија доколку Врховниот суд застане на страната на Министерството за правда.
Овој потег го претставува најновиот и најдрастичен чекор во децениското задушување на правата на ЛБГТ во Русија, започнато во времето на претседателот Владимир Путин, кој ги направи „традиционалните семејни вредности“ камен-темелник на неговото владеење.
Видете и ова: Русија може да ја прошири забраната за „геј пропаганда“Укинувањето на правата на ЛГБТ луѓето започна пред една деценија.
Во 2013 година, Кремљ го донесе првиот закон за ограничување на правата на ЛГБТ, познат како закон за „геј пропаганда“, забранувајќи секакво јавно прикажување на „нетрадиционални сексуални односи“ меѓу малолетниците.
Во 2020 година, Путин изврши уставна реформа за да го продолжи своето владеење за уште два мандати, а што исто така ги забрани истополовите бракови.
По започнувањето на инвазијата на Украина во 2022 година, Кремљ ја засили својата реторика за заштита на „традиционалните вредности“ од, како што го нарече „понижувачко“ влијание на Западот.
Во истата година, властите донесоа закон со кој се забранува пропаганда на „нетрадиционални сексуални односи“ меѓу возрасни.
Друг закон донесен во 2023 година забранува медицинска промена на пол, како и промена на пол во документите и јавните записи.
Беше изменет и Семејниот законик на Русија, кој ја наведува промената на полот како причина за поништување на бракот и им забранува на оние кои го промениле полот да станат згрижувачки родители или посвоители.