Европската Комисија предлага да се укинат визите за граѓаните на Косово со српски пасоши

илустрација, српски пасош

Европската Комисија предложи граѓаните на Косово кои имаат пасоши на Република Србија да уживаат и безвизен режим со земјите од Шенген зоната.

Во образложението на предлогот се наведува дека со воведувањето на визната либерализација за Косово, носителите на пасоши издадени од Координативниот центар на Србија остануваат единствените граѓани од регионот на кои им се издадени визи за патување во Европската Унија.

„Со стапувањето во сила на ослободувањето од визи за имателите на косовски пасоши, Комисијата смета дека причините за исклучувањето на носителите на српски пасоши издадени од Директоратот за координација на Србија повеќе не постојат и дека сите граѓани на регионот на Западен Балкан треба да има корист од безвизното патување во Шенген зоната“, се наведува во предлогот на Европската Комисија.

Граѓаните на Косово од 1 јануари ќе уживаат во бесцарински режим со Шенген зоната.

Одлуката поврзана со укинувањето на визниот режим за Косово ги опфаќа само имателите на биометриски пасоши издадени од косовските власти.

Видете и ова: И по визната либерализација, Шпанија ќе бара визи за косовските граѓани

Кога беа укинати визите за Србија во 2009 година, косовските Срби кои добиваа српски пасоши од Координативниот центар беа изземени од оваа одлука.

Ваквата одлука Европската Комисија ја оправда со загриженост во врска со ризиците од нерегуларно миграциско движење кои потекнуваат од Косово и фактот дека во тоа време немаше дијалог со Косово за либерализација на визниот режим.

„На 16 ноември Европската Комисија усвои предлог да им се овозможи на сите граѓани на Западен Балкан да бидат опфатени со безвизниот режим кога патуваат во ЕУ. Предлогот за измена на регулативата за безвизен режим ќе им овозможи на косовските Срби, носители на српските пасоши издадени од српската координативна управа, да патуваат9 без визи во ЕУ“, изјави Кристијан Виганд, портпарол на Европската Комисија за внатрешни работи и човекови права.

Видете и ова: Советот на министри на ЕУ донесе одлука за визна либерализација за Косово

Според процедурата, по предлог на Комисијата, конечната одлука ја носат Европскиот совет и Европскиот парламент. Одлуката за визна либерализација за Косово ќе почне да се применува од 1 јануари 2024 година.

Одлуката за косовските Срби кои поседуваат пасоши на Република Србија ќе стапи на сила откако ќе одлучат двете институции, а 20 дена по објавувањето на таа одлука во официјалниот весник на ЕУ.