Финската влада одлучи на 17 ноември на полноќ да затвори четири од деветте гранични премини со Русија за да спречи влез на луѓе без соодветни документи.
„Нашата цел е да користиме бариери за да го спречиме влезот“, им рече на новинарите шефот за меѓународни работи на граничната полиција Мати Питканиити, додавајќи дека мерките на Финска се одговор на промените во руската гранична политика.
Повеќе од 200 баратели на азил пристигнаа во Финска оваа недела, а лидерите на земјата ја обвинија Русија дека ги пушта луѓето преку границата. Москва негираше.
Финските и руските граничари соработуваа со години во случаите на запирање на луѓе без соодветни визи или патни документи пред да влезат во која било земја.
Сепак, Русија почна да им дозволува на патниците без документи да ја преминат границата и да влезат во пограничните зони каде што можат да бараат азил во Финска.
„Јасно е дека овие луѓе добиваат помош за да стигнат до границата. Се чини дека ова е многу свесна одлука“, рече финскиот премиер Петери Орпо.
Видете и ова: Финска размислува да ја затвори границата со РусијаФинска дели 1340 километри долга граница со Русија, која е најдолгата граница во Европа.
Граничните премини на југоистокот на земјата бележат голем број илегални преминувања од државјани на Сирија, Јемен и Ирак, јави Би-Би-Си.
Финскиот премиер рече дека премините на југоисток, Ваалимаа, Нуиџамаа, Ниирала и Иматра, ќе бидат затворени поради зголемениот број на патници без документи, додека премините на север, Сала и Вартиус, ќе останат отворени за барања за азил.
Финскиот претседател Саули Ниинисто изјави дека верува оти Русија почнала да ги испраќа барателите на азил во Финска како одмазда за плановите на Хелсинки да потпише договор за одбранбена соработка со Вашингтон.
Марија Захарова, портпаролка на руското Министерство за надворешни работи, ја отфрли изјавата на Ниинисто како „апсолутно неоснована“. Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков рече дека Москва длабоко жали поради одлуката на Финска да се огради од „претходните добри билатерални односи“.
Финска минатата година усвои закон со кој граничните премини ќе престанат да прифаќаат барања за азил во случај на масовна имиграција организирана од друга земја.