Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ), одржаа протест пред Владата, поради како што истакнуваат незадоволството од неисполнувањето на барањата за вработените во судската и јавнообвинителската служба.
Вработените од судската и јавнообвинителската служба од 27 септември штрајкуваат барајќи исплата на додатоците на плата и зголемување на платите за 78 проценти, износ за кој беа зголемени платите на избраните и именуваните лица.
„Штрајкот трае втор месец, нашите барања се јасни, покачувања на плати и додатоците на платите. Додатоците се тие што не издвојуваат од целата администрација, според степенот на ризик и доверливоста на работата, тоа е тоа што не издвојува. И покрај средбите во Владата немаше позитивен исход и затоа продолжуваме со протестите. Сакаме да ги потсетиме дека ние сме тука и сме столб на јавните обвинителства од чија работа зависи и успехот на самите обвинителства“, изјави Благица Сандева, вработена во јавнообвинителската служба.
Двете средби меѓу Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) и претставниците на Владата завршија без успех.
По втората средба од Владата, соопштија дека двете страни се блиску до изнаоѓање на взаемно прифатливо решение, па затоа владините претставници го отвориле прашањето за ставање во мирување на штрајкот на вработените во судската и јавно-обвинителската служба.
Сепак, според најавите од УПОЗ протестите ќе продолжат до исполнување на нивните барања.