Новинарите на протест пред суд: Наместо да уживаме заштита, ние треба да докажуваме дека сме новинари

Протест на новинарите пред Граѓанскиот суд по пресудата за клевета против ИРЛ, 17 ноември 2023 година

Пред Граѓанскиот суд во Скопје се одржа протест на новинарските организации по пресудата донесена против ИРЛ за клевета по тужбата на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев и компанијата „БРАКО“ за емисијата „Заговор против воздухот“.

Новинарските организации објаснуваат дека протестот се однесува на судската пракса воведена со пресудата против ИРЛ, а во која, како што наведуваат од новинарската фела, судот си одредил улога да решава кој смее, а кој не смее да работи како новинар.

Претседателот на Синдикатот на новинари Павле Беловски изјави дека протестот е порака дека пресудата треба да падне на повисокиот Апелационен суд и се надева дека нема да има уште еден протест на новинарите.

„Ние не сакаме да сме овде, принудени сме да бидеме тука, бидејќи се соочуваме со континуирани подривања, прозивки, тужби и негативен говор кон новинарите. И затоа и покрај измените во Кривичниот законот не гледаме дека се подобрува климата и затоа наместо да уживаме заштита, ние треба да докажуваме дека сме новинари“, рече Беловски за Радио Слободна Европа.

Видете и ова: Ќе има ли одговорност за судиите што осудија пратеник и новинари?

ИРЛ беа осудени за клевета по тужба на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев и компанијата „Брако“ за емисијата „Заговор против воздухот“. Во образложението на пресудата судијката, Јованка Спировска Панева, наведува дека истражувањата на ИРЛ не смееле да се публикуваат пред граѓаните, туку требало исклучиво да се користат за внатрешна едукација на вработените. Таа го отфрли исказот на уредничката на ИРЛ Сашка Цветковска со образложение дека таа и ИРЛ не се новинари и медиум.

По пресудатаа реагираа и од команијата Фероинвест од каде велат дека „ИРЛ се обиде да ги изврти овие делови од пресудата и да ги искористи за манипулирање на јавноста со цел да ја спаси својата ниска доверба“. Оттаму велат дека „ИРЛ биле осудени за небарање втора страна,намерно нанесување штета и лажирање инфоамции од владини настани“.