Здравствени работници во Скопје протестираа против состојбите во здравството

илустрација

Здравствени работници на неколку локации низ Скопје денеска изразија незадоволство поради состојбите во здравството. Тие бараат зголемување на платите од 30 проценти на докторите и медицинскиот персонал, јавната администрација во медицинските установи и техничкиот персонал.

Се бара и покачување на инфективниот додаток од еден на четири проценти, регулирање на статусот на времено вработените лица и нивно вработување на неопределено, ревидирање или нов колективен договор и средба со министерот за здравство Фатмир Меџити.

„Ние како Независен синдикат, имаме неколку барања, за кревање на достоинството на вработените во здравствениот сектор. Доколку не се изнајде решение, ќе продолжиме со мирен протест на 24 ноември пред Министерството за здравство и на втори декември ќе имаме протестен марш од пред нашето седиште до Владата“, изјави доктор специјалист Јосиф Ѓорески од Гинеколошко-акушерската клиника.

Видете и ова: Здравствените работници бараат повисоки плати, најавуваат и протести

Тој појасни дека повеќе работи им сметаат во сегашниот колективен договор.

Ѓорески вели дека имало луѓе кои работеле во здравство и по девет години со нерешен статус. Поради сево ова, како што нагласи, голем дел од медицинскиот персонал си заминува и недостасува кадар, на штета на пациентите.

Здравствените работнци и претходно најавуваа протести за есенва, откако се пожалија на аномалии во колективните договори и на протести во август побараа покачување на платите.