Кина и Јапонија ги потврдија „стратешките односи“

Кинескиот претседател Си Џинпинг и јапонскиот премиер Фумио Кишида за време на самитот на АПЕК во Сан Франциско, 16 ноември 2023

Кинескиот претседател Си Џинпинг и јапонскиот премиер Фумио Кишида на нивната прва средба по една година во четвртокот вечерта ветија дека ќе развијат заемно корисни односи, што е знак дека двете најголеми азиски економии сакаат да ги поправат заладените врски.

Двајцата лидери разговараа и за кинеската забрана за јапонска морска храна и за случајот на јапонски бизнисмен приведен во Кина за време на нивната едночасовна средба на маргините на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК) во Сан Франциско.

Двете земји треба да „се фокусираат на заедничките интереси“ и да ги потврдат своите „заемно корисни стратешки односи и да му дадат ново значење“, му рекол Си на Кишиди на состанокот на делегациите.

Во заедничката изјава од 2008 година, Јапонија и Кина се согласија да развијат „заемно корисни односи засновани на заеднички стратешки интереси“.

Видете и ова: Кина и САД ќе ја обноват воената комуникација на високо ниво

Сепак, фразата во последниве години се поретко се користи, бидејќи старите ривали се судрија за низа прашања како што се територијални спорови, трговски тензии и Тајван, (остров со демократска самоуправа) за кој Пекинг тврди дека е негов.

Односите неодамна беа ставени на нов тест со кинеската забрана за јапонска морска храна по одлуката на Токио во август да испушти прочистена вода од оштетената нуклеарна централа Фукушима во морето.

Кишида им рече на новинарите по состанокот дека силно го повикал Си да се откаже од забраната и исто така повика на брзо ослободување на бизнисменот, чиј случај им нанесе огромен удар на нивните блиски економски врски.

Си рече дека Јапонија треба сериозно да ја сфати загриженоста поради испуштањето на водата во Фукушима и да се однесува одговорно, објави кинеската државна новинска агенција Ксинхуа.

Видете и ова: Кина повторно издава визи за патници од Јапонија

Двете страни, исто така, ветија дека ќе одржат дијалог на високо ниво за економските прашања и го поздравија започнувањето на новата рамка за дискусија за контрола на извозот, соопшти јапонското Министерство за надворешни работи.

Средбата Кишида-Си следуваше по долгоочекуваниот самит меѓу американскиот претседател Џо Бајден и Кси, на кој двете велесили се договорија, меѓу другото, да отворат претседателска телефонска линија и да ја обноват комуникацијата меѓу војските на двете земји.

Кишида, исто така, се состана со Бајден на самитот на АПЕК, каде што разговараа за низа прашања, вклучително и „заедничките предизвици“ со кои се соочуваат во односите со Кина.