Во Владата на Северна Македонија ќе се одржи првиот состанок за Планот за раст на Западен Балкан и Инструментот за реформи и раст што беше објавен од Европската комисија на почетокот на овој месец.
На состанокот е најавено присуство на министри од земјава, Србија, Црна Гора, БиХ, Албанија и Косово и на високи претставници од Директоратот за проширување на ЕК. Министерскиот состанок ќе го отворат министерот за финансии Фатмир Бесими и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
Планот за раст на Западен Балкан и Инструментот за реформа и раст пред министрите за финансии и економија ќе ги претстави генералниот директор за соседска политика и преговори за проширување при Европската Комисија, Герт Јан Копман.
Видете и ова: Многу пари, но и многу услови во европскиот план за Западен БалканВо фокусот на состанокот ќе бидат реформите што се клучни за унапредување на економскиот и социјалниот развој во наредниот четиригодишен период, особено во делот на енергетската транзиција, бизнис окружувањето, животната средина, дигитализацијата, образованието и човечкиот капитал. Во тој контекст и инвестициските приоритети.
Планот за раст на Западен Балкан е нов инструмент на ЕК којшто треба да овозможи поврзување, поддршка на реформите и финансиска поддршка во вид на грантови и поволни заеми, со цел создавање поволни економски услови за граѓаните и бизнисот и побрза конвергенција и интеграција во ЕУ.
Тој се базира на четири столба кои се насочени кон забрзување на економската интеграција од земјите во регионот во Единствениот пазар на Европската Унија, како и зајакнување на економската интеграција во Западен Балкан преку Заедничкиот регионален пазар, а преку спроведување на социо-економски и фундаментални реформи, за што на земјите им се ставаат на располагање шест милијарди евра во рамки на Инструмент за реформи и раст за Западен Балкан.