ДСЗИ не најде пропусти во случајот со смртта на новороденчето од Прилеп

Министерство за здравство

Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) не констатираше недостатоци кои се во негова надлежност, привонредните инспекциски надзори што ги направи по смртта на новороденчето кое почина во сепса.

Надзори беа извршени во болницата во Прилеп каде беше родено бебето, на Универзитетската клиника за детски болести во Скопје каде беше префрлено по влошување на состојбата, како и во гинеколошката ординација каде мајката ја водела бременоста.

„При вонредните инспекциски надзори не се констатирани недостатоци кои се во надлежност на Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Со оглед на фактот дека ДСЗИ нема надлежности во стручниот дел на работата на здравствените работници, доставена е информација до министерот за здравство со иницијатива за вршење на стручен надзор согласно член 296 од Законот за здравствена заштита“, соопштија од ДСЗИ.

Бебето, како што наведоа оттаму, било родено на 27 октомври, во 38 гестациска недела од бременоста со тежина од 2 720 грама.

Резултатите од лабораториската анализа следниот ден (28 октомври) биле уредни, а на 29 октомври било констатирано жолтило на кожата на новороденчето.

Видете и ова: Новороденче од Прилеп почина од сепса


„Новороденчето било во добра општа состојба, со уреден белодробен наод, добар тонус и се хранело без повраќање.Од овие причини немало сомневање за рана неонатална инфекција.По фототерапијата било вратено кај мајката.Во првите денови од породувањето,во ноќните часови новороденчињата се земале на неонатолошко одделение за дохрана. и затоа новороденчето во вечерните часови на 29.10.2023 било однесено на одделение за неонатологија.По изјава на сестра на неонатологија која била дежурна на 29-30.10, во 24 часот бебето било нахрането и било со добри витални параметри“, пишува во извештајот.

Но, потоа во 3 и во 5 часот на 30 октомври одбивало да јаде, а дежурната докторка – педијатар констатирала дека бебето е млитаво и со површно дишење.

„Проверена е гликемија, поради ниски вредности (2.1) дадена гликоза, кислородна поддршка и поради лоша клиничка слика и сомнеж за перинатална инфекција била дадена двојна антибиотска терапија, дексазон, инфузија со гликоза и ставено во инкубатор. Извршена лабораториска анализа на крв,ацидобазен статус,ЦРП“, велат од ДСЗИ.

По консултација со доктор од Клиниката за детски болести во Скопје, бебето и мајката биле префрлени во главниот град за понатамошно лекување.

При приемот во Скопје, според контролата на инспекторатот, бебето било во исклучително тешка општа состојба. При испитувањата, кај него било констатирано присуство на Ешерихија коли“, а хемокултурата била негативна.

Во вечерните часови од првиот ден, поради влошување на состојбата бебето било поставено на механичка вентилација.

Во наредните два дена, исто така, имало негативни наоди на хемокултурата. Состојбата се влошила на 5 ноември во попладневните часови и бебето било реанимирано. Но, вечерта реанимацијата не успеала и тоа починало околу 20:30 часот.

Вонредниот инспекциски надзор на 13 ноември го најави министерот за здравство Фатмир Меџити.

Директорката на Клиниката во Скопје, Стојка Нацева-Фушиќ, во изјавите за медиумите претходно рече дека детето од Прилеп било донесено во тешка состојба, имало ирегуларно дишење. Било згрижено на Единицата за интензивна терапија, првично со неинвазивна поддршка на респирацијата, а потоа поставено на механичка вентилација.

Според биохемиските параметри, како што објасни, се работело за рана неонатална сепса, што се појавува првите четири дена и најчесто, инфекцијата настанува при самото раѓање.

Мајката на бебето, пак, на социјалните мрежи ги сподели случувањата по породувањето, информирајќи дека во прилепската болница персоналот ја информирал дека бебето ќе биде третирано со зрачење заради жолтица, но потоа било препратено во Скопје.