Комисијата за надворешни работи во турскиот парламент на 16 ноември ја одложи расправата за кандидатурата на Шведска за членство во НАТО. Нема информации кога таа ќе продолжи.
Седницата беше прекината откако пратениците од владејачката партија на претседателот Реџеп Таип Ердоган поднесоа барање за одложување со образложение дека преговорите со Шведска не биле доволно „зрели“.
Турција ја суспендираше ратификацијата на членството на Шведска во НАТО обвинувајќи ја земјата дека е премногу попустлива кон групите што официјална Анкара ги смета за безбедносна закана, вклучително и курдските милитанти и членови на мрежата кои турските власти ги обвинуваат за неуспешниот пуч во 2016 година.
За време на Самитот на НАТО во јули годинава, претседателот Реџеп Таип Ердоган го повлече приговорот за шведската кандидатура за членство во Алијансата, а минатиот месец го испрати пристапниот протокол до парламентот за да биде ратификуван.
Видете и ова: Ердоган ќе се обиде да ја олесни ратификацијата на шведската кандидатура за НАТОТурција го промени својот став откако Стокхолм вети дека ќе соработува подлабоко во борбата против тероризмот, како и дека ќе ја поддржи турската амбиција за оживување на кандидатурата за членство во ЕУ. Покрај тоа, НАТО се согласи да воспостави специјален координатор за борба против тероризмот.
Предлог-законот за ратификација на шведското членство прво треба да биде одобрен од парламентарната комисија за надворешни работи, а потоа да се гласа на пленарна седница. На крај, треба да го потпише и Ердоган.
Турскиот претседател, наведувајќи дека Анкара очекува повеќе од Шведска во борбата против курдските милитанти, овој месец порача дека ќе се обиде колку што е можно да ја олесни ратификацијата.
Министрите за надворешни работи на НАТО ќе се сретнат во Брисел на 28 и 29 ноември.
Шведска и Финска, по долги години неутралност, лани аплицираа за влез во НАТО со цел да ја зајакнат својата безбедност по руската инвазија врз Украина.
Членството на Финска беше официјализирано во април годинава, додека кандидатурата на Шведска беше блокирана од Турција и Унгарија.