За Османи и Сијарто, екстрадицијата на Груевски не е прашање за нив туку за судството

Никола Груевски во судот во Будимпешта, 27 јуни 2019

Министрите за надворешни работи на Северна Македонија и Унгарија, Бујар Османи и Петер Сијарто, велат дека екстрадицијата на поранешниот премиер Никола Груевски кој избега во Будимпешта, е прашање за судските органи, а не за нивниот ресор – надворешната политика.

Двајцата во четвртокот (16 октомври) одржаа средба во Скопје, а ставовите за испорачувањето на експремиерот во земјава, ги дадоа одговарајќи на новинарски прашања.

„Прашањето за екстрадицијата на поранешниот премиер не е прашање на надворешно политичка комуникација, туку е прашање на судските органи и на министерствата за правда коишто си комуницираат во тој дел. Јас останувам на ставот дека поранешниот премиер треба да биде во Северна Македонија и да се соочи со правдата тука, затоа што не е во интерес на ниту една држава премиер да биде во егзил“, рече Османи.

Видете и ова: Небиу: Петте станови на Груевски проценети на 1,9 милиони евра

Шефот на унгарската дипломатија рече дека неговото Министерство не може да се меша во работата на унгарското правосудство.

„Тоа не е прашање на надворешната политика. Ние не можеме да се мешаме во судските постапки и затоа не зборувавме за тоа конкретно прашање на денешниот состанок“, одговори Сијарто.

Груевски избега во Унгарија во ноември 2018 година кога требаше да почне да ја издржува правосилната двегодишна затворска казна во случајот „Тенк“ за набавката на блиндираниот мерцедес. Во меѓувреме, тој беше правосилно осуден од една година и шест месеци затвор и во случајот „Насилство во Центар“ и на седум во „Плацови на Водно“. Против него се водат и други судски постапки, од кои дел застареа по измените на Кривичниот законик со кои беа намалени казните за злоупотреба на службената положба и овластувања.