ЕУ е сериозно ослабната, а првиот чекор за тоа да се запре е да се признае дека Унијата има потреба од Западен Балкан, порача унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто при посетата на Скопје на 16 ноември.
Вистинските преговори со Северна Македонија, рече тој, треба да почнат веднаш.
„Треба да се признае дека на ЕУ и е потребна свежа енергија и брз развој на настаните кои доаѓа од Западниот Балкан. ЕУ треба да признае дека местото на Западен Балкан е во Европската Унија. Ова значи дека проширувањето на Унијата треба да се забрза и вистинските преговори со Северна Македонија да започнат веднаш“, рече Сијарто на заедничка прес-конференција со министерот за надворешни работи на Северна Македонија Бујар Османи.
Видете и ова: ЕК сериозно загрижена за судството и корупцијатаВо тој контекст тој потенцираше дека сè уште има некои земји-членки што го попречуваат, оспоруваат и поставуваат пречки кон процесот на проширување, по што директно ја прозва и Бугарија.
„Страшно е што Бугарија го блокираше писмото кое требаше да се испрати на Северна Македонија пред неколку недели. Северна Македонија е земја кандидат веќе 18 години. Земјата 18 години има кандидатски статус, да не може да ги започне преговорите е одвратно и тоа покажува непочитување кон земјата. Ова е контрадикторно на интересите на ЕУ. Тие коишто го блокираат стартот на овие преговори, треба да знаат дека го поткопуваат и кредибилитетот на ЕУ“, рече шефот на унгарската дипломатија.
Кога Унгарија, потенцираше тој, ќе го преземе претседателството со ЕУ (втората половина на 2024 година) ќе ги преврти сите камења за да се осигури дека пристапувањето на Северна Македонија и на целиот Западен Балкан ќе се случи што е можно побрзо.
Сијарто ја критикуваше Бугарија и за зголемувањето на таксите за транзит на природен гас за Северна Македонија, Унгарија и Србија, оценувајќи го овој чекор како „чин на непријателство“.
„Ние ќе преземеме дополнителни чекори и дејствија во однос на оваа состојба. Ја започнавме прекршочната постапка на ЕУ кон Бугарија и денеска заедно со Османи се договоривме дека Владата на Северна Македонија и унгарската Влада ќе се консултираат и ќе продолжат да ги координираат сите понатамошни чекори, за да се осигураме дека енергетската безбедност на ниедна од нашите земји нема да биде загрозена од дејствијата на Бугарија“, додаде Сијарто.
На оваа тема зборуваше и Османи кој рече дека зголемувањето на таксата е нелегално и спротивно на европските правила, а ѝ штети и на економијата на земјава.
Видете и ова: Многу пари, но и многу услови во европскиот план за Западен Балкан„Ние ја информиравме Европската Комисија и разговаравме за можен координиран пристап во преземање на иницијативи со цел да се отстрани оваа нелегално поставена такса“, додаде Османи.
Во однос на процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ, министерот рече дека очекува следната година кога Унгарија ќе го презеде претседателството со ЕУ, гласно да ја поддржи евроинтеграцијата на земјата.
„Затоа сите треба да бидеме обединети за европската идеја и да обезбедиме дека по толку години чекање нема повторно да се создаде застој во пристапниот процес во момент кога тој реално добива на забрзување заради геополитичките околности“, рече Османи.
Тој зборуваше и за Планот за раст на ЕУ што беше презентиран на 8 ноември за што рече дека очекува до март 2024 ЕУ да го направи првиот трансфер на пари кон земјите од Западен Балкан.