Стотици полицајци претресоа 54 локации низ Германија во четвртокот поради сомневање за поврзаност со групата Хезболах, поддржана од Иран, соопштија властите.
Пребарувањата доаѓаат во период кога Берлин се обидува да го спречи подемот на антисемитизмот среде војната меѓу Израел и Хамас. Германија ги забрани активностите на Хамас и сродните организации, по нападот на 7 октомври од страна на екстремистичката група Хамас, која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка организација.
Германското Министерство за внатрешни работи соопшти дека полициските акции во седум сојузни покраини се поврзани со истрагата за исламскиот центар во Хамбург, што може да доведе до забрана на таа контроверзна организација.
Министерката за внатрешни работи Ненси Фезер изјави дека Исламскиот центар во Хамбург долго време бил под надзор на германското разузнавање и е категоризиран како исламистички.
„Особено сега, во време кога многу Евреи се чувствуваат особено загрозени, важи следново: генерално не толерираме исламистичка пропаганда и антисемитско и антиизраелско поттикнување“, додаде таа.
Видете и ова: Водачот на Хезболах предупреди на ескалација во борбите со Израел
За време на претресот, кој беше спроведен за да се обезбедат докази за сомневање дека центарот во Хамбург и сродните групи ги поддржуваат активностите на Хезболах, немаше апсења.
Германија го смета Хезболах за „шиитска терористичка организација“ и во 2020 година му забрани на Хезболах да врши активности на нејзина територија.
Исламскиот центар во Хамбург раководи со џамијата Имам Али, позната и како Сина џамија, а во последните години се зголемуваат повиците до властите да ја затворат поради наводните врски со Иран.
Видете и ова: „Оската на отпорот“- мрежа што предизвикува хаос и се бори против „непријателите“ на Техеран
Германското Министерство за внатрешни работи смета дека активностите на центарот се „со цел ширење на револуционерниот концепт на (иранските) врховни лидери, нешто за што постојат сомневања дека го нарушува германскиот уставен поредок“.
Поздравувајќи ја операцијата, министерот за внатрешни работи на покраината Хамбург, Енди Гроте рече дека верува оти центарот „ќе биде затворен во блиска иднина“.
Германија, како и другите западни сили, работи на тоа да спречи израелската војна против Хамас да се претвори во поширок конфликт, вклучувајќи го и Хезболах со седиште во Либан. Од нападите на Хамас на 7 октомври кои доведоа до војната во Газа, Израел исто така разменува оган со членовите на Хезболах на речиси секојдневна основа.