Воените власти на Мјанмар му наредија на целиот владин персонал и на луѓето со воено искуство да се подготват за служење во вонредни ситуации, изјави официјален претставник во четвртокот, откако хунтата објави „тешки напади“ од бунтовниците на неколку места.
Војската на Мјанмар со децении се бори со етничките малцинства и другите бунтовници, но државниот удар во 2021 година доведе до невидена координација меѓу силите кои се борат против војската, што претставува најголем предизвик за војската во последните години.
„Хунтата им нареди на својот владин персонал и поранешниот воен персонал да формираат единици за одговор при итни случаи“, рече Тин Маунг Све, секретар на Административниот совет на главниот град Најпјида.
Советот на хунтата во наредбата наведе дека од таквата единица може да се побара да одговори во случај на „природна катастрофа и безбедност“.
Видете и ова: Во Мјанмар војската со државен удар ја презеде властаТин Маунг Све ја потврди наредбата и истакна дека ситуацијата во главниот град, во центарот на Мјанмар, е мирна.
„Ова е план за вонредна состојба“, изјави тој за Ројтерс.
Паралелната влада формирана од продемократски политичари за да и се спротивстави на војската, во сојуз со некои бунтовнички фракции, започна кампања „Пат до Најпидау“ за која вели дека има за цел да ја преземе контролата врз главниот град.
Портпаролот на Хунтата Зав Мин Тун доцна во средата изјави дека војската се соочува со „тешки напади од значителен број вооружени бунтовнички војници“ во државата Шан на североисток, државата Каја на исток и државата Ракин на запад.
Зав Мин Тун рече дека некои воени позиции се евакуирани и дека бунтовниците користат беспилотни летала за да фрлаат стотици бомби врз воените позиции.
„Итно преземаме мерки за ефикасна заштита од напади со беспилотни летала“, изјави портпаролот на хунтата.
Видете и ова: Хунтата во Мјанмар ослободи околу 3.000 затворенициМјанмар е во превирања од државниот удар во 2021 година, кога војската ја собори владата предводена од нобеловката Аунг Сан Су Чи, ставајќи крај на една деценија демократски реформи. Војската владееше со Мјанмар со железна тупаница 50 години по преземањето на власта во 1962 година, инсистирајќи дека таа е единствената институција способна да ја држи земјата заедно.
Пучот во 2021 година ги уништи надежите за реформи, но ја зајакна и опозицијата, која ги обедини продемократските активисти со силите на етничките малцинства кои се борат за самоопределување. Конфликтот доведе до зголемување на бројот на бегалци во соседните земји, вклучително и илјадници кои избегаа во Индија во последните денови поради борбите во северозападната држава Чин.
Западните влади повторно воведоа санкции за хунтата во Мјанмар како одговор на пучот и задушувањето на протестите и побараа ослободување на Су Чи и другите продемократски политичари и активисти. Соседите на Мјанмар во Југоисточна Азија се обидоа да започнат мировен процес, но генералите на хунтата главно ги игнорираа тие напори.
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш е длабоко загрижен за „проширувањето на конфликтот во Мјанмар“ и ги повика сите страни да ги заштитат цивилите, изјави неговиот портпарол.
Бунтовничката група Армијата на Аракан (АА) која се бори за автономија во државата Ракин во средата соопшти дека десетици полицајци и војници се предале или однапред биле заробени од нејзините сили. Портпаролот на хунтата ја критикуваше групата, велејќи дека ја „уништува“ државата Ракин.