Камерон се сретна со Зеленски во неговата прва посета како министер за надворешни работи

Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон и украинскиот претседател Володомир Зеленски

Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон во Киев се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски на неговото прво службено патување во странство како шеф на дипломатијата, објави во четвртокот Украина.

Поранешниот премиер Камерон, кој во понеделникот беше назначен за нов министер за надворешни работи на Велика Британија, во видео објавено од канцеларијата на Зеленски рече дека сака да ја нагласи поддршката на Лондон за Украина.

Зеленски рече дека е благодарен за гестот, кој доаѓа во време на конфликт на Блискиот Исток за кој рече дека го одвратил глобалното внимание од војната во Украина, која сега е во нејзиниот 21-ви месец и на која не се гледа крајот.

„Светот не е толку фокусиран на ситуацијата на бојното поле во Украина и оваа поделба на фокусот навистина не помага“, рече тој.

Видете и ова: Сунак ја разреши министерката за внатрешни работи, Камерон нов шеф на британската дипломатија

Обединетото Кралство е близок сојузник на Украина во текот на војната што ја започна Русија во февруари 2022 година.

„Она што сакам да го кажам со тоа што сум овде е дека ќе продолжиме да ви даваме морална поддршка, дипломатска поддршка, но пред се воена поддршка што ви е потребна не само оваа и следната година, туку онолку долго колку што е потребно“, рече Камерон.

Тој додаде дека Обединетото Кралство ќе работи со сојузниците „за да се осигура дека фокусот е во Украина“.

Во соопштението од Украина не е прецизирано кога се воделе разговорите. Засилените безбедносни мерки поради војната значат дека деталите за посетите на странските државници понекогаш не се објавуваат до одредено време откако ќе се одржат.