Кина и Соединетите Држави се согласија да ја обноват комуникацијата на високо ниво меѓу нивните војски, вклучително и работни состаноци меѓу министерствата за одбрана, објавија денеска кинеските државни медиуми, повикувајќи се на изјавата на претседателот Си Џинпинг на неговата средба со претседателот Џо Бајден.
Си Џинпинг, исто така, рече дека двете земји се договориле да формираат работна група за соработка меѓу Кина и САД за борба против наркотици, објави кинеската државна телевизија.
„Кинескиот претседател Си Џинпинг и американскиот претседател Џо Бајден се согласија да ги обноват воените комуникации на високо ниво засновани на еднаквост и почит“, јави кинеската агенција Синхуа.
На состанокот во Калифорнија, двајцата лидери, исто така, се согласија да започнат заеднички владини дискусии за употребата на вештачката интелигенција и да формираат работна група за соработка во областа на борбата против наркотиците.
Како што јавуваат агенциите, Бајден и Си се согласиле да работат заедно за да го запрат производството и дистрибуцијата на опиоидот фентанил, водечка причина за смртни случаи од предозирање во САД.
Видете и ова: Помеѓу реалноста и очекувањата од средбата меѓу Бајден и Си
Претседателот Си му рекол на Бајден дека Кина не се обидува да ги „престигне или замени САД“ и дека „САД не треба да се обидуваат да ја потиснат и контролираат Кина“.
„Кина нема да тргне по стариот пат на колонизација и грабеж “, рече Си.
Тој, исто така, го предупредил Вашингтон дека Пекинг не е задоволен од санкциите, како и со другите мерки против кинеските компании.
„Американските дејствија против Кина за контрола на извозот и инвестициите, како и едностраните санкции, предизвикуваат сериозна штета на легитимните интереси на Кина. Потиснувањето на кинеската наука и технологија е еднакво на кочење на квалитативниот развој на Кина и лишување на кинескиот народ од правото на развој“, додаде Си, а пренесе Синхуа.
Си последен пат беше во САД во 2017 година. Бајден и Си разговараа и на маргините на самитот на групата Г-20 минатата година.