ЕУ предлага дванаесетти пакет санкции против Русија

Жозеп Борел, шеф за надворешна политика и безбедност на Европската Унија(ЕУ)

Високиот претставник на Европската унија (ЕУ) за заедничка надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, предложи нов пакет рестриктивни мерки против Русија поради нејзината агресија врз Украина.

Според последниот предлог, повеќе од 120 дополнителни поединци и субјекти ќе бидат санкционирани за нивната улога во поткопувањето на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.

Предлозите за ставање на листата вклучуваат актери од рускиот воен, одбранбен и ИТ сектор, како и други важни економски оператори.

Видете и ова: САД ги разгледуваат тврдењата дека српски компании ги заобиколуваат санкциите за Русија


Тој, исто така, предлага усвојување на нови забрани за увоз и извоз, како и активности за заострување на плафонот на цената на нафтата и спротивставување на заобиколувањето на санкциите на ЕУ.

„Предложените мерки се насочени кон оние кои ги организираа неодамнешните, нелегални, таканаречени „избори“ на териториите на Украина привремено окупирани од Русија, одговорните за присилното „превоспитување“ на украинските деца и актери кои шират дезинформации и пропаганда за поддршка на агресивната војна на Русија против Украина“, се вели во соопштението на Европската служба за надворешни работи.

Видете и ова: Борел: ЕУ го финализира 12-тиот пакет санкции против Русија

Според соопштението, новиот пакет санкции е дел од стратегијата на ЕУ да одговори на илегалната војна на Русија против Украина, заедно со мерките дизајнирани да ја поддржат Украина на политички, економски и на воен план.

Исто така, се вели дека политиката на ЕУ останува иста - да го зголеми притисокот врз Русија за да спречи постојано кршење на Повелбата на ОН и на меѓународното право и да направи тие прекршувања „скапо да чинат“ за руската воена машина.

Инаку, станува збор за пакет од 12 санкции кои ЕУ ги воведува од февруари 2022 година, кога почна руската агресија врз Украина.