Судот во Франција распиша меѓународна потерница за сирискиот претседател Башар ал-Асад, неговиот брат Махер ал-Асад и двајца армиски генерали за нивната наводна вмешаност во воени злосторства и злосторства против човештвото, вклучително и хемиски напад врз бунтовниците во 2013 година во предградие на Дамаск.
Правно гледано, тоа е процедурален чин бидејќи истрагата продолжува за нападите во 2013 година во Источна Гута и Дума во кои загинаа над илјада луѓе, велат адвокатите.
Сега четворицата именувани во налозите за апсење можат да бидат уапсени и донесени во Франција на сослушување.
Според законот за универзална јурисдикција, истрагата во Франција за двата напади со хемиско оружје ја спроведуваат истражните судии на Специјализираната единица за злосторства против човештвото и воени злосторства на Трибуналот во Париз.
Истрагата започна во март 2021 година по кривична пријава од преживеаните поднесена од Сирискиот центар за медиуми и слобода на изразување (СЦМ).
Директорот на СЦМ, Мазен Дарвиш, рече дека издавањето на налогот за апсење е „нова победа за жртвите, нивните семејства и преживеани“ од нападите во 2013 година.
Видете и ова: Матис - Нема да биде мудро ако сириската армија користи бојни отрови
Меѓународната заедница смета дека владата на Асад е одговорна за нападот со гас „сарин“ - забранет нервен агенс - на 21 август 2013 година, во предградието на Дамаск, Источна Гута, кое тогаш беше под контрола на опозицијата. Владата во Дамаск ја негираше одговорноста за нападот и тврди дека тој бил извршен од опозициските сили со намера да предизвикаат странска воена интервенција против Сирија.
САД се заканија дека ќе интервенираат по тој напад со гас, а потоа тогашниот американски претседател Барак Обама рече дека употребата на хемиско оружје од страна на Асад ќе биде „црвена линија“ за Вашингтон. Сепак, американскиот Конгрес и јавноста беа против нова војна.
На крајот, Вашингтон се согласи со Москва дека Сирија ќе се откаже од залихите на хемиско оружје.
Сирија соопшти дека го елиминирала својот хемиски арсенал според договорот од 2013 година.
Меѓутоа, набљудувачките групи подоцна тврдеа дека сириските сили извршувале хемиски напади.