Директорот на Агенцијата за конфискуван имот, Дритон Небиу, објави дека вработените се мета на вознемирување и заплашување, поради обидите да го продадат конфискуваниот имот кој сега е ставен на аукција. Сега на аукција се становите на поранешниот директор на Управата за безбедност и котраразузнавање, Сашо Мијалков. Дел од неговиот имот стана сопственост на државата по спроведувањето на правосилната пресуда во предметот „Империја“.
„Обидот да не заплашите е на погрешна адреса,“ порача Небиу на прес конференција.
Во однос на заканите, тој посочи дека не може да каже кој конкретно се заканувал, само рече дека за заканите веќе е известена полицијата и дека во тек е постапка.
„При разгледување на становите кои се на аукција, се појавија сопственици на имотот кои на клиентите и на вработените кои го покажувале станот им посочиле дека не може да го купат ниту да го продадат станот“, изјави Небиу.
На јавна аукција во Агенцијата за конфискација на имот се ставени три стана кои што се наоѓаат на ул. „Славејко Арсов“, еден од 78м2, два од 73м2 и една гаража од 30м2 на КО Центар 2, одземени со правосилна пресуда од Основен кривичен суд Скопје.
Според податоците Агенцијата за конфискација на имот проценетата почетна вредност на овие четири станови изнесува 330 илјади евра, а од претходно продадените станови на Мијалков во Охрид во буџетот влегле 250 илјади евра.
Видете и ова: Становите на Мијалков проценети на 21,4 милиони евраНебиу посочи дека засега нема место за страв и дека, како што вели, нема да дозволи никој да го попречи извршување на ниту еден предмет за кој е донесена правосилна пресуда.
На листа на имоти кои сега се ставени на аукција се четири станови на поранешниот директор на УБК, Мијалков, а најавено е дека наскоро треба да се најдат на продажба и другите дваесетина станови, два апартмана во „Панорама Резиденс“ и неколку градежни парцели кои со пресудата во предметот „Империја“ станаа сопственост на државата.
Обвинителството во јуни минатата година објави список со целиот имот кој треба да му се одземе како имот на Мијалков во спогодбата со која призна вина и доби три години затвор за предметот „Империја“, каде беше обвинет за перење пари. Првичната проценка на Обвинителството е дека вредноста на недвижниот имот изнесува 14,1 милиони евра.
Целиот недвижен имот на поранешниот директор на Управата за контраразуавање и безбедност Сашо Мијалков е проценет на 21,4 милиони евра, покажуваат последните податоци на Агенцијата за одземен имот добиени од Бирото за судски вештачења.
Од Агенцијата велат дека од почетокот на минатата година до сега во државната каса влегле речиси 9 милиони евра, од кои 6 милиони евра биле конфискувани пари, а остатокот од продажба на запленетиот имот за кој со правосилна пресуда е докажно дека е стекнат со криминал.