Британскиот Врховен суд оцени дека депортацијата на мигрантите во Руанда е незаконска

Демонстранти држат транспаренти „Правата на барателите на азил се човекови права“, „Барањето безбедност не е кривично дело“, „Не ги криминализирајте барателите на азил“ Лондон, 15 ноември 2023

Британскиот Врховен суд денеска ја потврди пресудата на понискиот суд дека контроверзниот план на Владата да ги депортира барателите на азил во Руанда доколку пристигнат илегално на британска територија е нелегален.

Судиите на Врховниот суд на тој начин ја отфрлија жалбата на Владата на премиерот Риши Сунак и ги потврдија заклучоците на Апелацискиот суд дека Руанда не може да се смета за безбедна трета земја.

Судиите на највисокиот британски суд пресудија дека барателите на азил ќе бидат изложени на „реален ризик“ од малтретирање бидејќи може да бидат вратени во нивните земји на потекло откако ќе пристигнат во Руанда.

Видете и ова: Израел ѝ дава на Руанда по пет илјади долари за секој азилант што ќе го прими

Велика Британија и Руанда потпишаа договор во април 2022 година за испраќање на некои мигранти кои пристигнуваат во Велика Британија преку Ла Манш во Руанда, каде што нивните барања за азил ќе бидат обработени и доколку бидат прифатени, тие би можеле да останат таму.

Британската Влада верува дека договорот со Руанда ќе ги одврати луѓето да ги ризикуваат своите животи поминувајќи го Ла Манш и ќе ја запре илегалната трговија со луѓе. Додека за опозицијата и групите за поддршка на бегалците и организациите за човекови права сметаат планот е неетички и неодржлив.

Сè уште никој не е испратен во Руанда, бидејќи барателите на азил се жалеа пред британските судови.