Претставничкиот дом на Соединетите Држави во вторникот вечер усвои привремен нацрт-закон за трошење што ќе спречи делумно затворање на владата.
Предлогот изгласан со двопартиска поддршка за продолжување на владиното финансирање до средината на јануари сега оди до Сенатот, кадешто и демократските и републиканските лидери изразија поддршка.
За да се спречи затворање на владата, Сенатот и Претставничкиот дом, контролирани од републиканците, мора да усвојат закон што претседателот Џо Бајден може да го потпише пред истекот на тековното финансирање за федералните агенции во петок на полноќ.
Гласањето со 336 „за“ и 95 „против“ беше победа за претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон, кој се соочи со противење од некои негови колеги републиканци, во првото големо гласање од неговиот мандат.
Џонсон беше избран на функцијата пред помалку од три недели, по неколкунеделни превирања што го оставија Долниот дом без лидер. Со тесно републиканско мнозинство од 221 спрема 213, тој може да си дозволи да изгуби само три републикански гласови доколку сите демократи се спротивстават.
Видете и ова: Републиканците нема да поддржат помош за Украина и Израел во пакет
Предлог-законот за трошење ќе го продолжи владиното финансирање на сегашното ниво до 2024 година, давајќи им на пратениците повеќе време да направат детални планови за трошење кои покриваат сè, од војската до научни истражувања.
Некои републиканци од десното крило на партијата рекоа дека се фрустрирани што предлогот не ги вклучува острите кратења на трошоците и мерките за безбедност на границата што ги бараа.
Предлог-законот беше усвоен со 209 демократски и 127 републикански гласови, додека 93 републиканци и двајца демократи гласаа против.