ОЈО: Загриженоста за ефикасноста на постапките, Лога да ја демонстрира со квалитетни закони за надминување на долгите вештачења

ОЈО, Скопје

Јавното обвинителство објави дека надвор од досегашната вообичаена пракса, Министерството за правда одлучило, без да ги достави до обвинителството, јавно да ги објави своите поединечни забелешки за Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства за 2022 година, иако овој извештај врз основа на член 55 став 2 од Законот за јавното обвинителство се доставува до Владата само за запознавање.

„Не е точно дека во Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства во 2022 година нема податоци за траењето и ефикасноста на истражните постапки. Во извештајот е наведено дека основните јавни обвинителства во 2022 година донеле наредби за спроведување истражна постапка против 1398 лица што е за 91 лицe повеќе во однос на претходната година. Во 2022 година, обвинителствата постапувале и во истраги поведени против 768 лица од претходната година, така што вкупно во работа имале истраги против 2166 лица. Во однос на ажурноста на истражните постапки, во 2022 година завршени се истрагите против 1433 лица или 66,1% од вкупниот број истраги во работа. Бројот на завршени е поголем од бројот на новоотворени истражни постапки во текот на годината, што укажува на намалување на бројот на отворени постапки во обвинителствата. Во 1087 предмети истрагите завршиле со поднесено обвинение“, велат од Обвинителството.

Видете и ова: Министерот Лога се сомнева во електронскиот систем на Обвинителството

Од ОЈО порачуваат „својата загриженост за ефикасноста на постапките, министерот за правда да ја демонстрира со соодветни квалитетни предлози за законски решенија за надминување на состојбите со долготрајност на вештачењата, што е една од најчестите причини за траењето и на предистражните и на истражните постапки“.

Во реакцијата од ОЈО меѓудругото се вели дека, Европскиот извештај многу прецизно бара на Јавното обвинителство да му се овозможат сите материјални и кадровски услови за работа и непречено вршење на функцијата. Ова е нешто што и Јавниот обвинител на Република Северна Македонија го нагласува во сите јавни настапи, а го бара и во Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства за 2022 година.

„Во забелешките од Министерството за правда нема коментар за тоа дали и како ќе се залага за обезбедување на тие услови за работа на обвинителствата“, велат од ОЈО.

Во однос на забелешките за тонското и аудио-визуелно занимање на искази, од обвинителството велат дека во Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства за 2022 година нема посебен извештај за користење на опремата за тонско и аудио визуелно снимање на искази, бидејќи ваквото снимање согласно член 207 од ЗКП претставува само можност во одредени законски предвидени ситуации, но не и задолжителна обврска.

„Ваква опрема е инсталирана во сите обвинителства со проширена надлежност во државава, но нејзиното користење е ограничено, бидејќи за тоа нема ниту кадровски ниту материјални услови, а за сите информатички и технички системи во обвинителствата низ државата се грижат само шест информатичари. Од тие причини, тонско и аудио визуелно снимање се користи исклучително во специфични случаи или случаи каде жртви или сведоци се деца, со цел да се избегне двојна виктимизација и исказот да се користи во судска постапка“, се наведува во реакцијата на ОЈО.

Видете и ова: Бавното обвинителство, мерката притвор ја претвора во казна

Оттаму заклучуваат дека Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства не содржи и не може да содржи податоци за дисциплинските постапки против јавни обвинители, бидејќи како што велат, дисциплинската постапка ја води дисциплинска комисија, која е целосно независна во постапувањето и чија активност не може и не смее да биде дел од извештај за работа на јавните обвинителства.

„Имено, од почетокот на примената на новиот Правилник за начинот на спроведување на постапката за утврдување одговорност на јавен обвинител за сторена дисциплинска повреда, донесен на 18.05.2021 година, поведени се дисциплински постапки против 12 јавни обвинители. Во пет од овие случаи Дисциплинската комисија донела Решение за утврдена дисциплинска повреда и ја изрекла најтешката дисциплинска мерка – предлог за разрешување од функцијата. На пет обвинители им е изречена соодветна парична казна, а само за еден обвинител Комисијата донесе одлука дека не сторил дисциплинска повреда“, велат во реакцијата на ОЈО.

Од оваа институција велат дека за сите забелешки кон извештајот за работа на јавните обвинителства, објавен и доставен до сите надлежни институции, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија е подготвен да одговори согласно законски предвидените процедури.

Од Министерството за правда пак соопштија дека целта на даденото мислење по Извештајот е да се лоцираат слабостите кои се појавуваат во јавнообвинителската организација заради преземање соодветни мерки за нивно надминување.

„Во однос на конкретните констатирани слабости, Министерството за правда нагласува дека еден од приоритетите за наредниот период е зголемување на ефикасноста во справувањето со корупцијата и криминалот, а посебно со неговите организирани форми. Во таа насока се и нашите дадени сугестии во мислењето заради преземање конкретни мерки и активности за постигнување на наведените цели“, велат од ресорното министерство.

Оттаму истакнуваат дека констатираните слабости во постапувањето на јавното обвинителство се веќе содржани во повеќето документи од меѓународните организации, што е и цитирано во мислењето на Министерството за правда.