Белата куќа соопшти дека има свои разузнавачки информации дека радикалната група Хамас ја користи Ал Шифа, најголемата болница во Газа, за спроведување воени операции и веројатно складирање оружје, велејќи дека акциите претставуваат воено злосторство.
„Имаме информации кои потврдуваат дека Хамас ја користи таа болница како командно и контролно место, а можеби и за складирање оружје“, изјави портпаролот на Белата куќа за национална безбедност Џон Кирби за новинарите на „Ер Форс 1“, а пренесе Ројтерс.
„Тоа е воено злосторство“, рече тој.
САД и ЕУ ја прогласија Хамас за терористичка организација.
Тој, исто така, рече дека Соединетите Држави имаат информации дека Хамас и палестинскиот исламски џихад користат некои болници во Појасот Газа, вклучително и Ал Шифа, за покривање или поддршка на нивните воени операции и за држење заложници.
Според него, тие групи биле подготвени да одговорат и на израелските воени операции против тој објект.
Видете и ова: Бомбардирањето на Газа продолжува, борби близу до најголемата болницаТие информации потекнуваат од различни разузнавачки методи, рече Кирби, додавајќи дека администрацијата на Бајден декласифицирала некои информации за да може да ги сподели своите наоди со новинарите. Меѓудругото истакна дека акциите на Хамас во болниците не ја намалуваат одговорноста на Израел да ги штити цивилите, но призна дека тоа ги направи напорите на Израел да го искорени Хамас посложени.
„Да бидам јасен, ние не поддржуваме воздушен напад врз болница. Не сакаме да видиме конфликт во болница каде невини луѓе, беспомошни луѓе, болни луѓе едноставно се обидуваат да ја добијат медицинската помош што ја заслужуваат“, рече Кирби.
Екстремистичката група Хамас пак одговори дека „остро ги осудува и ги отфрла овие тврдења“.
Групата рече дека Белата куќа повторува „лаги“ пропагирани од Израел.
„Овие изјави даваат зелено светло на израелската окупација за понатамошни брутални масакри насочени кон болниците, со цел уништување на здравствениот систем во Газа и раселување на Палестинците“, соопшти Хамас и ги повика ОН „да формираат меѓународен комитет кој ќе ги прегледа сите болници во Газа“ за да ги „открие невистините во наративот за окупација“.