Финските власти најавија дека размислуваат да го ограничат граничниот сообраќај или дури да ги затворат премините со Русија, поради зголемувањето на бројот на илегални премини на мигранти.
Финскиот премиер Петери Орпо, во вторникот, 14 ноември, рече дека Русија намерно им дозволува на мигрантите да ја поминат границата и покрај недостатокот на валидни документи, додавајќи дека тоа е обид за дестабилизација на соседот.
„Се чини дека тоа е намерна одлука. Пораката на владата е јасна, сакаме да ја гарантираме безбедноста на нашите граници“, изјави Орпо.
Финска дели граница од 1.340 километри со Русија.
Видете и ова: И Финска забрани влез за возила регистрирани во РусијаКремљ во април годинава вети дека ќе преземе „контрамерки“ по приемот на Финска во НАТО, нарекувајќи го проширувањето на Алијансата „напад на безбедноста на Русија“.
Финската министерка за внатрешни работи Мари Рантанен, рече дека владата одлучила нејзиното Министерство да подготви предлог рестриктивни мерки, според Законот за гранични премини.
„Владата може да одлучи да го ограничи граничниот сообраќај или да ги затвори премините“, истакна Рантанен.
Видете и ова: Финска стана членка на НАТОСпоред извештаите на финските гранични стражи, во последните неколку месеци зголемен е бројот на баратели на азил на источната граница на земјата.
Пред почетокот на војната во Украина во февруари 2022 година, Финска забележа пораст на бројот на луѓе кои пристигнале во оваа земја без виза преку границата со Русија, а најмногу станува збор за лица од Русија или Украина.
Министерката Рантанен соопшти и дека од скоро во Финска доаѓаат и мигранти од Блискиот исток и Африка.