Семејствата на заложниците на Хамас започнаа протестен марш кон Ерусалим

Членовите на семејството и пријателите на киднапираните на Хамас на 7 октомври, сликани во предградие на Тел Авив додека маршираат кон Ерусалим, 14 ноември 2023 година.

Семејствата на Израелците кои се во заробеништво на Хамас во појасот Газа, започнаа со петдневен марш од Тел Авив па се до Ерусалим, со цел да побараат од властите да направат повеќе за нивно ослободување, пренесува Ројтерс.

Милитантите на Хамас заробија 240 лица за време на нивниот напад на Израел на 7 октомври и ги чуваат како заложници.

Станува збор за лица со различна старост, од бебиња стари неколку месеци, па до возрасни лица со над 80 години. Се верува дека тие се држат заробени во тунели длабоко под Газа.

Видете и ова: Трета рунда американски санкции за Хамас

Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, се наоѓа на удар на жестоки критики од поединечни роднини на заложниците, бидејќи како што тврдат тие, не се прави доволно да се обезбеди нивното ослободување, во време кога трае копнената офанзива на Израел во Газа.

„Бараме од Нетанјаху и неговиот кабинет да ни дадат одговори и да дејствуваат“, изјави Шели Шом, чиј 21-годишен син Омер е однесен во Газа пред пет недели.

Милитантната група Хамас на 7 октомври го нападна Израел, при што 1 200 луѓе беа убиени, а околу 240 лица се однесени во Газа како заложници, што е најсмртоносниот ден во 75-годишната историја на оваа држава.

Здравствените власти во Газа, каде Хамас ја држи власта, тврдат дека повеќе од 11.000 луѓе се потврдени мртви по израелските напади, односно дека 40 отсто од нив се деца и дека безброј повеќе жртви се наоѓаат затрупани под урнатините.

Околу две третини од целокупното население на Газа од 2,4 милиони жители останаа без покрив на глава, не можејќи да побегнат од пренаселената територија, на која се случува сериозен недостиг на храна, гориво, вода и лекови.