Судскиот совет подготвува свое видување за извештајот на ЕК

Судски совет

Судскиот совет го добил извештајот од Европската комисија за напредокот на земјата во делот на правосудството и за работата на Судскиот совет на англиски јазик, а деновиве се очекува истиот официјално да пристигне и на македонски, информираше денеска претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев, одговарајќи на новинарско прашање.

„Начелно го разгледувавме овој извештај и подготвуваме наше видување по однос на истиот. Можам да кажам дека генерално извештајот е со детектираните, реални проблеми во судството и Судскиот совет, па очекувам тоа да биде сигнал за евентуални измени на Законот, односно со наше постапување да се подобри целосната слика и да се врати довербата во судството“, изјави Герогиев.

Видете и ова: ЕК сериозно загрижена за судството и корупцијата

На прашањето како ќе се реши проблемот со недостатокот на кадар во Основните и Апелациските судови во источниот регион, Герогиев рече дека тоа е предизвик за сите судови во земјава, но истакна и дека очекува наскоро да се пополнат испразнетите места за судии во Апелациониот суд во Штип, за кои тече постапката за избор.

Инаку, извештајот пак на ЕК за напредокот на правосудството во земјава наиде на остри реакции од експертската фела, па така Блупринт групата која ја следи работата на правосудните органи во земјава, го оцени извештајот како целосно „уништување на сите постигнати успеси досега.“

Видете и ова: Блупринт група: Забелешките на ЕК за правосудството се целосно руинирање досегашните постигнувања

Инаку, извештајот на Европската Комисија за напредокот на земјава во 2023 година беше објавен на 8 ноември, а во него беше нотирано дека нема напредок во судството и борбата против корупцијата.