Рашковски на слобода откако Апелација му го укина куќниот притвор

Драги Рашковски

Укината е мерката куќен притвор за Драги Рашковски од Скопје и прифатена е гаранцијата како мерка за обезбедување на негово присуство во рамки на кривичната постапка што се води против него поради основано сомнение за сторено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.3 на Кривичниот законик и кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело од чл.273 ст.1 на Кривичниот законик, соопшти Апелациониот суд Скопје.

„Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет КСЖ - 816/23 на нејавна седница на ден 03.11.2023 година, жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ja одби како неоснована и донесе решение со кое го потврди решението на Основниот кривичен суд Скопје со кое е укината мерката куќен притвор и прифатена гаранција како мерка за обезбедување присуство против обвинетиот Д.Р. од С., во рамките на кривичната постапка која се води против обвинетиот, а поради основано сомнение за сторено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.3 на Кривичниот законик и кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело од чл.273 ст.1 на Кривичниот законик“, информираат од Апелација.

Видете и ова: Рашковски дал гаранција од 192.000 евра за да му се укине куќниот притвор

Вака донесената одлука, посочуваат, ќе биде објавена во целост на веб страната на судот во рокот определен со Законот за управување со движењето на предметите во судовите.

Рашковски беше во куќен притвор од јули ова лето, откако беше прогласен за виновен за кривичните дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“ во предметот наречен „Софтвери“ и беше осуден на осум години затвор.

Случајот „Софтвери“ се поврзува со тендери реализирани од Генералниот секретаријат на Владата во период кога Рашковски беше прв човек на секретаријатот. Обвинението посочуваше четири набавки како што се систем за биометриска идентификација, софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни, камери за препознавање регистарски таблички за возила, метални кабини за потребите на системот за биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблички.

Обвинението опфаќаше и исплата на хонорари на луѓе ангажирани од Рашковски, а дел од парите завршувале кај него.