Инспекција во прилепската болница по смртта на новороденче

Министерство за здравство

Причините за смртта на новороденчето кое почина од сепса ќе ги бара и Државниот санитарен и здравствен инспекторат кој ќе врши вонреден инспекциски надзор во Болницата во Прилеп. Ова денеска го потврди министерот за здравство Фатмир Меџити кој рече дека тој иницирал на случајот да работи стручна комисија.

„Нема отсега натаму веќе да има сомненија за ниту еден случај, се ќе решиме до крај како што треба“, рече Меџити.

Вчера директорката на Детската клиника во Скопје, потврди дека новороденчето било родено во прилеп, но дека во тешка состојба било донесено на клиниката. Стојка Нацева Фуштиќ информираше дека дека имало ирегуларно дишење, било згрижено на Единицата за интензивна терапија, првично со неинвазивна поддршка на респирацијата, а потоа поставено на механичка вентилација.

Според биохемиските параметри, се работело за рана неонатална сепса, што се појавува првите четири дена и најчесто, инфекцијата настанува при самото раѓање.

„Дали е предвремено прснат воденик, дали е од родилните патишта, тука може да се шпекулира, немаме такви податоци. Меѓутоа, кога новороденчето е донесено на клиниката, веќе имало јасни клинички биохемиски знаци за рана неонатална сепса“, објаснуваше Фуштиќ.

Видете и ова: Новороденче од Прилеп почина од сепса

Мајката на бебето на социјалните мрежи ги сподели случувањата по породувањето, информирајќи дека во Прилепската болница персоналот ја информирал дека бебето ќе биде третирано со зрачење заради жолтица, но потоа било препратено во Скопје.

Како што појасни Нацева Фуштиќ, жолтицата е физиолошка појава кај бебињата. Таа објаснува дека педесет отсто од бебињата имаат жолтица и таа е најчесто во физиолошки граници.