Полскиот парламент (Сејм) за првпат се состанува во понеделник, на 13 ноември, откако минатомесечните избори најавија промена на политиката на оваа централноевропска земја во време кога се води војната во соседна Украина.
На свеченото отворање на новоизбраното законодавно тело ќе се обрати и претседателот Анджеј Дуда. Пратениците ќе положат заклетва и ќе го изберат претседателот.
Премиерот во заминување Матеуш Моравјецки мора да поднесе оставка заедно со неговата влада, иако се очекува тој да остане како привремен премиер, можеби со недели, бидејќи Дуда ја одложи транзицијата на власта.
Владејачката партија на Моравјецки доби повеќе гласови од која било друга партија поединечно, но не успеа да собере мнозинство, освојувајќи 194 места во Долниот дом од 460 членови.
Сепак, Дуда, сојузник на партијата Право и Правда, му ја даде првата шанса на Моравијецки да формира влада. Партијата нема коалициски партнер и нејзиниот обид да формира влада се смета за осуден на неуспех. Тој обид би можел да го одложи именувањето на новата функционална влада до четири недели.
Видете и ова: Историски одзив на полските избори, опозицијата прогласи победаПобедничката коалиција вклучува партии кои се движат од конзервативците до левицата. Тие се кандидираа одделно на изборите, но ветувајќи дека ќе работат заедно за да ги обноват демократските норми по осум години владеење на партијата Право и правда, националистичка конзервативна партија која беше во конфликт со Европската Унија.
Спротивно на тоа, победничкиот коалициски сојуз има мнозинство од 248 места во Сејмот. Лидерите на партиите потпишаа договор за коалиција и велат дека се подготвени да почнат да владеат. Тие нагласуваат дека целта им е да ги поправат сојузите на меѓународен план и дека ќе работат на ослободување на милијарди евра од фондовите на ЕУ кои се замрзнати, поради поткопувањето на независноста на судството во Полска од страна на партијата Право и правда.
Нивниот кандидат за премиер е Доналд Туск (66), искусен политичар кој ја извршуваше функцијата од 2007 до 2014 година, а потоа стана еден од лидерите на ЕУ во улога на претседател на Европскиот совет од 2014 до 2019 година.
Кандидат на коалицијата за претседател на Сејмот е Шимон Холовнија, лидер на партијата Полска 2050 и ѕвезда во подем во полската политика.
Пјотр Мулер, портпарол на владата во заминување, призна дека на Моравјецки ќе му биде „исклучително тешко“ да формира ново мнозинство. Но, тој за ТВН24 изјави дека должност на Моравјецки е да се обиде откако Дуда му го довери мандатот. Ако не успее, Туск ќе биде следниот премиер, рече Милер.