Членовите на Европската унија (ЕУ) заеднички ја осудија радикалната група Хамас за, како што наведоа, користењето на болниците и цивилите како „човечки штит“ во војната против Израел.
Европската Унија и Соединетите Држави ја прогласија за терористичка организација.
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, во понеделникот рече дека Унијата истовремено побарала од Израел „максимално воздржување и таргетирање за да се избегнат човечки жртви“.
На состанокот на министрите за надворешни работи на Унијата, Борел даде изјава во име на 27-те членки во знак на единство по неколку недели често спротивставени изјави за тоа како ЕУ треба да се справи со војната меѓу Израел и Хамас.
„Знаете колку беше тешко минатиот пат, по гласањето во Обединетите Нации, каде што земјите гласаа на различни начини, да се претстави целосно унифициран пристап“, рече Борел.
Видете и ова: Бомбардирањето на Газа продолжува, борби близу до најголемата болницаСамо неколку часа откако лидерите на унијата прогласија единство околу војната меѓу Израел и Хамас на 28 октомври, членките беа остро поделени при гласањето за резолуцијата на Генералното собрание со која се повикува на хуманитарен прекин на огнот во Газа што треба да доведе до крај на непријателствата меѓу Израел и Хамас.
Сега, земјите од ЕУ во соопштението рекоа дека се приклучуваат на „повиците за итна пауза во непријателствата и воспоставување хуманитарни коридори, вклучително и зголемен капацитет на граничните премини и поморска рута, за да може хуманитарната помош безбедно да стигне до луѓето од Газа“.
Тие, исто така, го повторија „повикот до Хамас за итно и безусловно ослободување на сите заложници“, додавајќи дека од клучно значење е Меѓународниот комитет на Црвениот крст да добие пристап до заложниците.
Во соопштението не се повикува на прекин на огнот.
Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок рече дека го разбира „повикот за прекин на огнот“, но додаде дека оние што го бараат тоа мора да одговорат на прашања како „на пример, како барањето за прекин на огнот, сега во оваа ужасна ситуација гарантира дека безбедноста на Израел е загарантирана или што се случува со 200-те заложници и кој преговара за тоа во ситуација кога преговорите изгледаат едвај можни“.