Британската министерка за внатрешни работи Суела Браверман е сменета откако ја обвини полицијата дека ги фаворизира пропалестинските демонстранти.
Британскиот премиер Риши Сунак во понеделникот (13 ноември) ја разреши министерката, која предизвика бес поради обвинувањата дека полицијата била премногу „мека“ кон пропалестинските демонстранти.
Владата наведува дека Браверман ја напуштила функцијата поради реконструкција на кабинетот.
Во меќувреме, поранешниот британски премиер Дејвид Камерон неочекувано се врати во владата во понеделникот, откако премиерот го назначи за министер за надворешни работи.
Камерон дојде на позицијата министер за надворешни работи наместо Џејмс Клеверли, кого пак го постави за нов министер за внатрешни работи. Сунак беше под зголемен притисок да ја замени Браверман, која пак е популарна во авторитарното крило на владејачката Конзервативна партија.
Видете и ова: Собир за поддршка на Палестинците во Лондон, полицијата на готовс
Во многу невообичаен напад врз полицијата минатата недела, Браверман рече дека лондонските полициски сили игнорираат кога законот го прекршуваат „пропалестинските толпи“.
Таа ги обвини демонстрантите кои повикуваат на прекин на огнот во Појасот Газа за ширење „омраза“. Во саботата, екстремно десничарските демонстранти се судрија со полицијата во Лондон. Критичарите ја обвинија Браверман дека придонесува за разгорување на тензиите.