Шефовите на дипломатиите на државите од Западниот Балкан и на земјите членки на ЕУ денеска попладне ќе одржат министерски состанок под претседателство на високиот претставник на Унијата за надворешни работи и безбедност Жосеп Борел.
Како што јави МИА, целта на Министерски состанок ЕУ-Западен Балкан е дополнително да се интензивира ангажманот на Унијата со земјите од регионот, со акцент на заедничката надворешна и безбедносна политика на блокот во контекст на геополитичките предизвици во европското соседство.
Средбите во овој формат со цел засилен ангажман на Унијата со државите од западнобалканскиот регион, резултираа со Декларацијата од Тирана усогласена Самитот ЕУ-Западен Балкан на 6 декември 2022 година, со која лидерите учесници ја изразија својата решеност да се забрза и продлабочи политичкиот ангажман, вклучително и преку учество на партнерите од Западен Балкан во настани на високо ниво на ЕУ и преку редовни дијалози за заедничката надворешна и безбедносна политика.
Министерски состанок ЕУ-Западен Балкан ќе се одржи по завршувањето на првиот ден од заседанието на Советот за надворешни работи на Унијата, на чија агенда се расправа за ситуацијата во Израел, Појасот Газа и регионот на Блискиот Исток, руската агресија врз Украина, случувањата во односите на Ерменија и Азербејџан, како и за надворешно политичка димензија на економската безбедност.
Видете и ова: Многу пари, но и многу услови во европскиот план за Западен Балкан
Утре (14 ноември) министрите за одбрана на земјите членки на Унијата ќе расправаат за прашања поврзани со безбедносните прашања на блокот. Заседанието ќе започне со неформален појадок на министрите за одбрана на ЕУ и високиот претставник Борел со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на кој ќе се разговара за отпорноста на критичната инфраструктура на блокот во сенка на безбедносните инциденти во Балтичкото Море.
Главна тема за расправа на заседанието на Советот ќе биде поддршката на Унијата за Украина, а министрите ќе дискутираат и за мисиите и операциите на Капацитетот за брзо распоредување на ЕУ (РДЦ) и за заедничката безбедносна и одбранбена политика.